За опозицијата сега се поважни пратеничките прашања од петтиот економски пакет


Пратениците го потрошија претпладневниот дел од седницата надмудрувајќи се што е поважно – пратеничките прашања или помошта за граѓаните и економијата од петтиот пакет мерки. Седницата е прекината, координаторите на состанок со Талат Џафери

 

Пратениците како да живеат во свој затворен свет во кој само партиските интереси се важни, а не и оние на граѓаните. Тоа денеска доби уште една потврда со приземните препукувања за што да заседаваат денеска – за пратеничките прашања што се на агендата или за мерките од петтиот економски пакет.

По еден и пол часа бесцелна расправа седницата беше прекината по барањето на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, за еден час пауза. Спикерот Талата Џафери ги свика координаторите на состанок во обид да се најде решение од ќор-сокакот. Денешнава расправа беше продолжение на прекинатата координација во понеделникот кај Џафери, кога тој одбил да работи според ултиматумите на опозицијата да се расправа на посебна седница само за точки од економскиот пакет, а сѐ друго да си остане блокирано како што е. Во Собранието не е присутна целокпуната опозиција, освен неколкумина.

Џафери на почетокот предложи да не се отвори седницата за пратенички прашања, туку 36-тата на чиј дневeн ред се мерките од петиот економски антикризен пакет, Ваквиот предлог Џафери го стави на гласање и доби поддршка од 53 пратеници. Притоа, никој во салата не гласаше против, ниту воздржано. По куса расправија, 36. седница почна.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во ова препозна обид за, како што рече, замолчување на опозицијата и одржување криминална седница.

„Дали сте свесни дека денеска правите преседан што го нема направено ниту еден претседател на Собранието до денес? Мислев дека сте многу посериозен од она што се обидувате да го направите – да свикате криминална седница и да ги спречите пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да поставуваат пратенички прашања. Граѓаните сакаат да слушнат одговори од власта. Нема да дозволиме сите овие спинови и кршења на Деловникот да ги правите. Ветувавте дека имате стабилно мнозинство, а јас реков дека нема да ви правиме кворум на седниците посебно не за штетните закони. Продолжувате да се однесувате како да имате 100 пратеници, а не 62. Имавте можност пакетот мерки да го донесете на 3 март кога си самоизгласавте самодоверба. Затоа, да не ја обвинувате опозицијата, ваша е одговорноста“, истакна Мицевски.

Тој побара од Џафери и да го цитира членот од Деловникот врз основа на кој одлучил да ја прекине седницата.

На тоа Џафери рече дека тој не одлучил, туку дека постапува врз основа на прописите, но и барањата кои опозицијата ги изнесувала преку Фејсбук и на прес-конференции, посебно изминатите неколку дена.

„Јас сум практичар што спроведува пропис, а тоа дали ми се допаѓа прописот или не, е друга работа. Деловникот дава надлежност да ги свика седниците и да предлага дневен ред, а конечната одлука за озгледот на дневниот ред е одлука на пленумот. Ако пленумот одлучи, тоа  е моја обврска да ја спроведам. За да останам доследен на она што го зборувам, предлагам денеска да не почнеме со пратенички прашања во рок од еден час, да ја свикам веднаш 36. седница до донесување на дневен ред да работиме на неа. Кој ќе биде составот на дневниот ред ќе биде ваша одлука, тука да се прекине за да се отвори пат да се остварат пораките што ми се праќаат по ФБ дека би биле подготвени сите да се донесат законите од економската сфера за пакетот мерки. Конечниот мој предлог е наместо пратенички прашања, да ја отворам 36. седница“, истакна Џафери.

Поддршка за почнување на 36-тата пред седницата за пратенички прашања даде координаторот на СДСМ, Јован Митревски и повика и на разум.

„Одговорноста е на сите пратеници. Ако треба ќе се повлечеме и од поставување пратенички прашања.  Како Собрание сме должни час поскоро да им излеземе во пресрет на граѓаните и компаниите поради пандемијата. Седницата да им се помогне на граѓаните и фирмите не е криминална седница. Жал ми е што опозицијата три дена покажува наводна загриженост, за денеска да каже дека за нив пратеничките прашања се поважни од тоа што е помош за граѓаните“, истакна Митревски.

Најавената средба со премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Ахмети се уште не е одржана, а како што кажа Џафери, за нејзината содржина јавноста ќе биде дополнително информирана. (Н.В.)