Пратеничката Мојсоска кандидат на Левица за градоначалник на Струга, партијата ги соопшти и имињата за Тетово и Гостивар


Со особена чест и одговорност најавуваме дека во општините Тетово, Гостивар и Струга, Левица е единствената  парламентарна партија од македонскиот политички блок која излегува со сопствени кандидати за градоначалници, наведува Левица во соопштение. 

Во Општина Струга, кандидат за градоначалник е актуелната пратеничка во Собранието на Република Македонија, Јована Мојсоска – дипломирана на Факултетот за безбедност и генерален секретар на Левица. Нејзиното искуство, политичка активност и лична посветеност се гаранција дека ќе го брани јавниот интерес и ќе понуди вистински решенија за проблемите со кои се соочува Струга.

Во Општина Тетово, кандидат е д-р Катка Божиновска, доктор на правни науки од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а денес вработена на Државниот универзитет во Тетово. Со своето академско знаење, долгогодишна професионална кариера и интегритет, таа ќе се залага за враќање на законитоста, правдата и вистинското владеење на правото во Тетово.

Во Општина Гостивар, кандидат за градоначалник е Дарко Грујоски, ИТ-специјалист и информатички оператор со завршени студии по компјутерски науки и технологии. Тој претставува новата генерација професионалци, подготвени со современи пристапи и технолошки решенија да ги подобрат јавните услуги и транспарентноста на локалната самоуправа.