Прага и Братислава во еден глас: ЕУ не може да има улога на арбитер за историјата


Иван Корчок и Томаш Петричек, министрите за надворешни работи на Словачка и Чешка (Фото: Јутјуб)

Министрите за надворешни работи, Томаш Петричек и Иван Корчок, заеднички го отфрлаат барањето на Бугарија Македонија да ја исправела наводно погрешната интерпретација на историјата, велејќи дека тоа за нив е „неприфатливо“

 

Министрите за надворешни работи на Чешка и Словачка денеска во заедничка колумна уште еднаш ги потврдија ставовите на двете земји околу барањето на Бугарија историјата да влезе во заклучоците на ЕУ за проширувањето и го отфрлија како несоодветно на европскиот проект. Во колумната за „Еуобсервер“, Томаш Петричек и Иван Корчок (која ја пренесува и „Независен“ подолу на страницата) велат дека биле принудени да ги блокираат нацрт-заклучоците „за да спречиме проширувањето да биде вовлечено во историски прашања, а ЕУ во улога на арбитер“.

Објаснувајќи ги мотивите за ваквиот чекор, Петричек и Корчок велат дека проширувањето на ЕУ е да им се помогне на земјите со можност за членство во ЕУ да го прифатат правото на ЕУ и нејзините вредности. „Благодарение на овој пристап Чешка и Словачка се наоѓаат во ЕУ денес“, велат тие и нагласуваат дека се морално обврзани да им се понуди можноста за членство во ЕУ на другите европски земји.

Зборувајќи за проширувањето кон Западен Балкан, двајцата министри посебно ја споменуваат Македонија и испраќањето мешани сигнали на ЕУ до неа.

„Оваа земја од Западен Балкан веќе 15 години се наоѓа во центарот на двосмисленоста во ЕУ.

Со текот на времето, таа ги исполни сите потребни услови, дури и најтешките поврзани со сопственото име. Се сомневаме дека која било моментална земја-членка на ЕУ би имала капацитет и волја да го стори истото. Сепак, ветената награда за отворање на пристапните преговори со ЕУ не дојде. Во 2019 година, одлуката на Европскиот совет да даде отворање на преговорите беше одложена не еднаш, туку двапати“.

Потоа, Петричек и Корчок нагласуваат дека минатата година „Северна Македонија се соочи со уште една пречка, и повторно беше побарано да ги исполни барањата поврзани со нејзиниот национален идентитет.

Покрај тоа, есента минатата година, беше поднесено ново и прилично изненадувачко барање – да се направи ЕУ колективен судија за историски толкувања – за тоа што е правилно, погрешно, точно и лажно во изминатите стотици години од историјата на Балканот.

Над сè, на крајот на годината имаше барање оваа пресуда да стане формален дел од критериумите за пристапување. Ова ќе ја претвори ЕУ во арбитар на националните истории“.

Двајцата министри го отфрлаат барањето на Бугарија Македонија да ја исправела наводно погрешната интерпретација на историјата, велејќи дека тоа за нив е „неприфатливо“ и дека ЕУ „не треба колективно да стане судија на спорови и недоразбирања во изминатите стотици години“.

Проширувањето на ЕУ беше пример за амбициите на ЕУ и способностите на ЕУ, додека сега е лизнато подолу од приоритетната листа. Според двајцата министри, проширувањето треба да се врати во јадрото на агендата на ЕУ кое ќе се заснова на мерливи критериуми, јасни заложби и политичка волја. „ЕУ не е тука за да утврди кој е во право или не во врска со прашања поврзани со историјата, јазикот или идентитетот. Отворените историски билатерални прашања треба да се решат билатерално“, велат Томаш Петричек и Иван Корчок ио наведуваат дека португалското претседателство треба да ги преземе следните чекори за одредување на рамката за преговори со Македонија и Албанија. (Н.В.)