Познати се 15-те советници на премиерот Ковачевски
Порталот на неделникот „Фокус“ ги обелодени имињата на надворешните советници на премиерот Димитар Ковачевски. Во него се повеќе познати имиња од земјава, а има и неколку од странство.
Како што пишува „Фокус“, меѓу советниците се и неколку стари имиња, како Едмонд Адеми (надворешни работи), Исмет Рамадани (евроатлански вредности), Нина Фити (финансии), Драган Василевски (одбрана), како и поранешниот шеф на тајната полиција Зоран Верушевски, кој му беше советник за национална безбедност на Зоран Заев, а сега продолжува на истата позиција и кај Ковачевски.
Меѓу новите имиња на листата е деканот на Економскиот факултет Предраг Трпески (за економија), потоа универзитетскиот професор Ванчо Узунов (советник за Берлински процес), за енергетика е професорот на Факултетот за електротехничка и информациски технологии, Антон Чаушески, а за рационализација и оптимизација на процеси, Глигор Бишев, кој е генерален директор на Шпаркесе банка.
„Фокус“ пишува дека на списокот се и Ана Данева-Маркова (здравство), Спасе Додевски (образование и социјала), Маја Ангеловска (дигитализација), Симона Ристеска (даночна политика), Елена Оранска-Петковска (административно право)…
Инаку, Симона Ристеска е еден од советниците кои доаѓаат од странство. Таа предава предмети од областа на финансиите на Бизнис школата при Универзитетот Ворвик, во Велика Британија.
„Фокус“, објави и дека меѓу советниците на Ковачевски се и Јоханес Хајдекер, поранешен советник на германската канцеларка Ангела Меркел, кој во 2021 година му стана советник на Заев, како и Валтер Дефа, кој е номиниран од Канцеларијата на германскиот канцелар.
„Фокус“ објави и колкави ќе бидат надоместоците на новите советници ЛИНК.