Професорка од Скопје печати 3Д држачи за визири од дома


Професорката по стручни предмети во СЕТУГС „Михајло Пупин“ – Скопје, Даниела Сандева, е една од многуте граѓани кои одговорија на повикот на Фејсбук групата 3Д Принт медицинска опрема, кои печатат делови за визири што ги користат медицинските лица, за заштита од корона вирусот.

Во разговор за „Независен весник“ вели дека штом го прочитала повикот од групата, веднаш се вклучила, а 3Д принтерот го донесла дома, за да може да изработува делови за визири.

„Кога го видов повикот од ФБ групата 3Д Принт медицинска опрема, кој се однесуваше за сопственици на 3Д принтер, знаев дека морам и можам да одговорам на него. Имено, ние како училиште (СЕТУГС “Михајло Пупин” -Скопје) имаме 3Д принтер кој тим од наши ученици под мое менторство го доби како награда од Европскиот натпревар Ultimaker Educational Challenge 2016 година за иновативна примена на технологијата во настава. Затоа, во согласност со менаџерскиот тим на моето училиште “Михајло Пупин” го зедов принтерот дома за да можам да ги принтам деловите за визири кои се потребни за медицинскиот персонал“, вели професорката Сандева.

Таа додава дека како професор, но пред сѐ, како човек, треба да даде позитивен пример во ова време.

„Редно е да се вратат вистинските човечки вредности како хуманост, почит, соживот, разбирање, одговорност. Надеж дека тоа ќе се оствари ми дава ФБ групата 3Д Принт медицинска опрема. Се надевам дека денешната младина ќе ги препознае овие вредности и тие ќе станат дел од нивното секојдневие. Чувството дека придонесуваш за општеството е навистина прекрасно. Би сакала да ова се случува во поинакви околности, но реалноста не е секогаш како што сакаме. Се надевам дека по завршувањето на оваа мисија ФБ групата 3Д Принт медицинска опрема ќе пронајде некоја нова активност со која ќе придонесе за подобро општество, а во која би ги вклучила и моите ученици порачува“, професорката Сандева.

На неформалната група 3Д Принт медицинска опрема се приклучија многумина кои имаат 3Д печатачи, но и оние кои сaкаат да помогнат во дистрибуција на визирите.

На групата може да се најдат технички насоки за правилно печатење на визирите, а штом тие бидат изработени, некој ги презема и ги дистрибуира низ медицинските центри во државава.

Оние кои учествуваат во изработка на држачите на визири велат дека суетите ги оставиле пред врата и не „рекламираат“ кој колку направил, туку ќе соопштат колку визири се поделени.

По стерилизација, првата количина маски бea доставени до Инфективнатa клиника, Клиниката за гинекологија и акушерство, Ургентниот центар при Клиничкиот центар „Мајка Тереза”, Универзитетската Клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски”, Детската болница „Козле” и Градската Општа Болница „8-ми септември”.

Визирите го покриваат целото лице, а прицврстени се на главата со ременче околу челото. Можат да ги заштитат медицинските лица од капките кои човекот ги исфрла од устата кога кашла или кива, со што се спречува пренесување вируси. Тие се добра заштита и од корона вирусот поради кој во светот е прогласена пандемија.

Б. Богдановска