„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг „BB+“ за Македонија
Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го задржа кредитниот рејтинг на државата на ниво „BB+“ со стабилен изглед, велат од Министерството за финансии од каде дополнуваат оти оваа оценка доаѓа како резултат на препознаените позитивни перспективи за економски раст, силната инвестициска активност и континуираниот реформски процес поврзан со пристапувањето кон Европската Унија.
Во најновиот извештај се констатира дека македонската економија покажува отпорност, што се рефлектира преку забрзаниот реален економски раст од 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година, главно поттикнат од добрите резултати во градежништвото и преработувачката индустрија. Висока оценка добива и динамиката на јавните инвестиции во земјава. Капиталните расходи во периодот од јануари до јули бележат раст од 40 отсто на годишно ниво, достигнувајќи 46 отсто од ревидираната цел за целата година.
Според рејтинг-агенцијата, овие бројки ја одразуваат силната реализација на крупните инфраструктурни проекти, со посебен акцент на изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, а очекувањата се и дека ваквата економска активност, поддржана од јавните инвестиции и приватната потрошувачка, да продолжи и во следниот период, додека дополнителен потенцијал за среднорочен раст се гледа во реформите поврзани со инструментите на Европската Унија.
Во однос на фискалната стабилност, „Фич“ ја оценува структурата на државниот долг како релативно поволна, пред сè поради големото учество на мултилатерални и билатерални кредитори. Проекциите се дека бруто-долгот на општата влада ќе се стабилизира на просечно ниво од 52,7 отсто од БДП во периодот од 2026 до 2028 година, што е под утврдениот плафон, додека пак истовремено, се нотираат реформските активности за подобрување на наплатата на јавните приходи, вклучително и воведувањето на електронското фактурирање, како и целосната примена на новиот Закон за буџети планирана од 2028 година, што треба да овозможи постепена фискална консолидација и намалување на дефицитот.