Пожарот во „Пулс“ е трета најголема трагедија во Македонија според жртвите


Фото: Б. Грданоски

Трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога во пожар загинаа минимум 59 лица, стана една од најголемите катастрофи во Македонија од осамостојувањето на земјата, по бројот на жртви. Да не беа претходно двете авионски несреќи таа ќе беше прва.

Авионска несреќа на Авиоимпекс кај Охрид (20.11.1993) – Оваа трагедија се случи кога авион од типот „Јак-42Д“ на компанијата „Авиоимпекс“ се сруши во близина на Тројани, на патот од Женева до Скопје. Поради лошите временски услови, авионот бил пренасочен. Во несреќата загинаа вкупно 116 лица, вклучувајќи 108 патници и 8 членови на екипажот. Еден патник успеал да преживее, но подоцна подлегнал на повредите. Ова беше најтешката авионска несреќа во историјата на Македонија.

Авионска несреќа на Палер Македонија во близина на скопскиот аеродром (05.03.1993) – Во овој инцидент, авион „Фокер 100“ на компанијата Палер Македонија се урна веднаш по полетувањето од скопскиот аеродром, на 400 метри од пистата. Загинаа 83 лица, а 14 патници успеале да ја преживеат несреќата. Авионот бил на пат од Скопје до Цирих, но трагичната несреќа го прекина неговиот лет.

Третото место на оваа несреќа од Кочани беше ставено по бројот на жртви, иако на крајниот број се уште се работи. Пожарот во дискотеката „Пулс“, која се случи за време на концерт на групата ДНК, го зафати целиот простор на клубот, а жртвите беа претежно млади луѓе. Според досегашните информации, најмалку 59 лица загинаа, а повеќе од 20 други лица се борат за живот во болниците.

Оваа трагедија е особено тешка за Македонија, која не се сеќава на толку голем број на жртви од една случка. По неа, во редот на големи трагедии, се наоѓаат и несреќата со автобусот на Беса Транс во Бугарија (23.11.2021), каде што загинаа 45 лица, вклучително и 12 деца, и пожарот во модуларната болница во Тетово (08.09.2021), при кој животите ги загубија 14 лица.

Меѓу другите трагедии, кои исто така оставиле големи последици за земјата, се автобусната несреќа кај Ласкарци (13.02.2019) со 16 загинати, бродската несреќа во Охрид (05.09.2009) со 15 загинати, и поплавите во Стајковци (06.08.2016), при кои животите ги загубија 22 лица.

Многу од најразорните пожари во историјата се случиле во ноќни клубови ширум светот. Во 24 инциденти во историјата на ноќните клубови, погинале најмалку 2.800 луѓе, од кои речиси 1.300 се во 21 век. Пожарот во Cocoanut Grove (Бостон, 1942) останува најсмртоносен досега, каде загинале 492 лица. Запаливите украси и заклучените излези на клубот го претвориле она што требало да биде обична забава, во една од најголемите катастрофи со пожар во историјата.

Пожарот во Република Кромањон во 2004 година ги однел животите на 194 луѓе. Тој бил предизвикан од пиротехниката која запалила запаливи материјали во клубот.

Пожарот во ноќниот клуб Kiss во Бразил во 2013 година бил уште по-смртоносен, одземајќи 242 животи.

Пожарот во ноќниот клуб Mountain B во Тајланд во 2022 година однел 23 животи, а во 2023 година,13 лица загинале во пожар во ноќниот клуб Fonda Milagros во Шпанија. Ноќниот клуб Пулс се приклучува на оваа долга листа.