Пожарот во бугарскиот клуб не е бугарска провокација, вели Генчовска
Министерката за надворешни работи во Битола изјави дека инцидентот нема да ги наруши односите и преговорите меѓу Македонија и Бугарија
БИТОЛА – „Никако, никако од бугарска страна“ не може да се толкува инцидентот во бугарскиот клуб во Битола како провокација од Бугарија, рече денеска во Битола, министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска, која потрча од Скопје за Битола со свои очи да се увери во какава состојба е клубот „Ванчо Михајлов“ по сабајлешниот инцидент во кој непознат сторител ја опожарил влезната врата на клубот.
Генчовска која денеска беше на разговори со нејзиниот домаќин, македонскиот шеф на дипломатијата, Бујар Османи, во Скопје, за брзо околу ручек дојде во Битола и во клубот влезе токму од опожарената врата газејќи по остатоците од искршеното стакло и саѓите од запалената дрвена врата. Тивко ги распрашуваше членовите од Клубот што е оштетено, додека влегуваше во објектот.
Генчовска е категорична дека инцидентот нема да ги наруши односите и степенот до каде се стасани преговорите меѓу Македонија и Бугарија.
„Не, нема да ги наруши, но ова ќе биде еден доказ Република Северна Македонија треба да вложи повеќе сили за борба против говорот на омраза“, рече министерката.
Генчовска е уверена дека нашите истражни органи за брзо ќе го најдат сторителот, ќе го изведат пред судот и тој ќе биде казнет.
„Началникот на полицијата во Битола ме увери дека се преземаат сите мерки од ниво на дежурен инспектор, криминалисти и во најскоро време ќе имаме резултати. Се надеваме на конечна пресуда на извршителот“, рече Генчовска. Таа беше децидна дека верува во нашите истражни органи и дека ќе има осудителна пресуда за сторителот.
Утрово околу 5 часот непознат сторител ја опожарил влезната врата на бугарскиот клуб во Битола кој е именуван по контраверзната личност од историјата на ВМРО, Ванчо Михајлов, кој беше и соработник на фашистите. Пожарот бил пријавен од сосед од околната зграда, па брзо интервенирале пожарникарите, кои на местото на настанот дошле со две возила и 6 пожарникари, брзо го изгаснале огнот, па нема поголема материјална штета, освен што е опожарена вратата, искршено стаклото од силината на огнот и натписот на клубот.
Обвинител веднаш излезе на местото на настанот. Подигнати се траги што останале од опжарувањето и се предадени на вештачење за да се открие од што настанал пожарот. Обвинителот издал наредби за да се обезбедат снимките од безбедносните камери од клубо, но и од околните објекти.
Генчевска помина неколку часа меѓу членовите, а беа присутни и амбасадорот на Бугарија Ангел Ангелов и конзулот во Битола Димитар Иванов.
Одговорајќи на новинарски прашања таа рече дека по инцидентот не размислуваат за промена на името на клубот „Ванчо Михајлов“, иако битолската и македонската јавност реагираше по отворањето на клубот во април годинава и сѐ уште го толкува како провокација од бугарска страна.
„Никој не го поставува тоа прашање, културниот центар одамна го носи тоа име и не станува збор да биде променето името“, реча таа.
Во делот на преговорите таа беше запрашана дали има шанси во јуни да се подигне ветото за Македонија, на што Генчовска одговори: „Сѐ зависи од страна на европските партнери и властите во Република Северна Македонија.“
„Продолжуваме со конструктивниот дијалог се враќам на средба со Бујар Османи, продолжуваме, мислам дека ќе се договориме за нештата кои треба да се завршат од страна на Република Северна Македонија да биде исполнет договорот“, рече Генчовска.
Забележливо беше дека Генчовска не сакаше да ја крева тензијата околу инцидентот и да го направи поголем отколку навистина е, особено во мнопгу чувствителните моменти на преговорите на двете земји и учеството на меѓународната заедница во нив.
Со многу поостра осуда излезе потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која самата беше присутна на отворањето на клубот. Таа на Фејсбук напиша дека овој инцидент бил уште една провокација и дел од масовната антибугарска кампања што, според неа, започнала веднаш по отворањето на клубот.
„Само брзите активности на надлежните институции во најкус можен рок за откривање на сторителите ќе докажат дека кај нашиот западен сосед се почитуваат правата на Бугарите, како и на сите други националности“, напиша Јотова.
Инцидентот со остро зборови го осудија и Стево пендаровски, Дикитар Ковачевски и Бујар Османи, а претседателот на државата го оцени како „провокација“.
Овој инцидент е изненадување, затоа што Македонија во последните 20 години помина низ многу потешки ситуации и немаше вакви испади. Ниту по потпишувањето на Охрдискиот рамковен договор, ниту пак по Преспанскиот договор и промената на името. Имаше протести, но немаше вакви инциденти. Затоа многу е важно истражните органи брзо да откријат не само кој е извршителот на настанот, туку кој би можел да биде налогодовачот или инспираторот.