Пожарот кај Негрево, Пехчевско повторно активен – камбаните бијат за тревога (видео)
Пожарот над пехчевското село село Негрево, за кој утрово јавивме дека е изгаснат повторно се разгоре од силниот ветар.
Таму вчера попладне гореше борова шума, а денеска повторно се јавија пламените.
Во гаснењето се вклучени Доброволното противпожарно друштво од Пехчево, Територијалната противпожарна единица од Берово, месното локално население и вработените во ПШС „Равна Река” -Пехчево.
Мештаните се алармираат со биење на камбаните. Пожарот е многу блиску и до пехчевските куќи. Градоначалникот повикува сите кои можат да се вклучат во гасењето на огнената стихија.
Во моментот, како што информира градоначалникот Александар Китански од терен, сите инволвирани во гаснењето на пожарот имаат и авионска поддршка, но, според него, сепак се потребни многу луѓе и ресурси за сузбивање на пожарот кој потпомогнат од ветрот, засега е надвор од контрола.
Тој повикува до жителите да расчистат неколку улици од возила, за полесно да можат да поминуваат противпожарните возила.
Учесниците во акцијата за гаснење на пожарот апелираа до сите граѓани од Малешевијата и околината, совесно да се однесуваат, бидејки при високи температури може да настане пожар од големи размери.