Пожари беснеат во Македонија, Турција, Грција и во Албанија, невремиња во Романија, Хрватска…
Во Македонија, Турција, Грција и Албанија беснеат пожари, додека во делови во регинот се случуваат големи невремиња кои однесоа дури и човечки животи

Додека во Македонија, Турција, Грција и Албанија беснеат пожари, други делови на Балканскиот полуостров, како Романија, Хрватска, Словенија… се соочуваат со сосема други непогоди – страшно невреме, врнежи, град, поплави. Некаде и со човечки жртви.
Во Македонија секојдневно се регистрираат десетици пожари и се мобилизирани сите капацитети со кои што располага државата, а повикан е и ЕУ-механизмот за помош. За голем број од нив се смета дека се намерно подметнати или дека се резултат на негрижа. Денеска премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во функција се сите оперативни летала коишто ги има Дирекцијата за заштита и спасување, Армијата и полицијата.
„Во функција се и оние возила, специјални возила, условно да кажам, коишто ги подготвивме, бидејќи знаевме што нè очекува ова лето. Го активиравме и европскиот механизам, мислам активиран е уште од пред неколку дена“, посочи Мицкоски.
Со огнената стихија се соочуваат и земјите од непосреднот опкружување. Така, пожарникарите се обидуваат да изгаснат шумски пожари во три одделни покраини во Турција, Грција и во близина на туристичка дестинација во Албанија, по неколкудневните интензивни горештини низ Медитеранот.
Чад се издигна над планинската црноморска покраина Карабук, околу 200 километри северно од главниот град Анкара, а пожарот, кој беснее веќе шести ден, принуди евакуација на повеќе од десетина села и опустоши делови од шумата. Тројца пожарникари загинаа вчера во северозападната покраина Бурса, објави денес турското Министерство за шумарство.
Пожарникарите денес се борат со два одделни пожари, по евакуацијата на повеќе од 3.600 луѓе од населбите во јужните покраини Мерсин и Анталија. Турција беше место на десетици шумски пожари поради екстремна топлина во последните недели, а минатата недела 10 пожарникари загинаа борејќи се со пожар во централната покраина Ескишехир.
Топлите и суви лета се вообичаени во медитеранскиот регион, но сè поинтензивните топлотни бранови придонесоа за разорните шумски пожари во последните години. Во Грција, десетици пожарникари се борат со пожар што избувна во подножјето на планината Химет во Атина, во близина на универзитетски кампус во густо населено предградие. Најмалку 18 хеликоптери и авиони дејствуваат во областа.
Во Албанија, пожарникарите, со помош на армијата, се обидоа да го стават шумскиот пожар под контрола пред да стигне до крајбрежниот град Саранда и други туристички места на југот од земјата на Јонското крајбрежје. Локалната полиција објави дека уапсила 13 лица за палење во последните три дена.
Бугарија распореди противпожарни авиони за да им помогне на копнените сили да го изгаснат големиот шумски пожар во пошумениот југозапад, додека во Грција неколку села беа евакуирани, а пет лица беа повредени во одделни шумски пожари за време на викендот, придружени со интензивна топлина и силни ветрови.
Додека Грција денес се соочува со својот трет топлотен бран, дождот во Србија им помогна на пожарникарите да стават под контрола повеќе од 100 шумски пожари.
Во Романија, пак, бура проследена со ненадејни поплави беше причина за смрт на две лица кои загинаа во последните 24 часа, а стотици се евакуирани од своите домови, објавија романските медиуми.
Еден човек загина во планинскиот регион Буковина кога дрво падна врз него за време на трка во природа. 50-годишниот спортист од Букурешт учествуваше во трка од 88 км со пријатели. Тој беше на околу 20 километри од целта кога силните ветрови соборија огромно дрво, убивајќи го.
„Бев еден или два километри пред него. Трчаше со уште тројца натпреварувачи. Одеднаш, започна страшна бура. Ветерот беше суров, едвај можевме да стоиме на нозе“, рече учесникот во трката Атила, според Realitatea.
🚨 BREAKING: Severe Storms Batter Broșteni, Romania
Yesterday evening, powerful storms struck Broșteni in Suceava County, Romania, causing widespread disruption and significant damage.
Follow us for more updates @AjantaNews #Romania | #heavyrain | #HeavyRainfall | #HeavyRains… pic.twitter.com/v556iHzT4H
— Ajanta News (@AjantaNews) July 28, 2025
Втората жртва е пронајдена утрово во коритото на реката Неагре во градот Броштени, во округот Сучава. Според соопштението од службите за итни случаи на ISU Сучава, спасувачите го забележале безживотното тело додека ги обиколувале поплавените подрачја, а високото ниво на водата го отежнало пристапот и евакуацијата.
„Имам 69 години. Доживеав две големи поплави, но никогаш нешто вакво. Водата ми се искачи до половината, уште два сантиметри и ќе влезеше во куќата“, рече Неколај Танаса, жител на Броштенија.
BREAKING
This evening in Suceava County, Romania, torrential rain triggered flash floods, hitting hard in Broșteni, Holdița, Găinești, and Doroteia, with severe flooding and storm damage reported across the region
Heavy floods in Kielce, Poland pic.twitter.com/OctMcOD28p
— Lee Golden (@LeeGolden6) July 27, 2025
Во погодените подрачја паднаа обилни дождови, а во некои делови беше пријавен град со големина на јајце. Во североисточниот округ Неамц, околу 890 луѓе беа евакуирани поради ненадејното зголемување на нивото на водата на реката Бистрица, кое достигна 390 сантиметри, четириесет повеќе од критичното ниво.
Деновиве и делови на Хрватска се соочуваа со големо невреме, кое што предизвика многу проблеми во сообраќајот, и во животот на граѓаните. Речиси секојдневно има предупредувања за големи врнежи и за црвен метеоаларм, па дури и за моќност од појавување торнадо. Во повеќе наврати беа испраќани и пораки до граѓаните во делови на земјата со преупредување навреме да се засолнат.
Истовремено, делови на Хрватска се соочуваат исто така со пожари. Еден таков избувна во понеделник во областа Јасеново и Жабориќ, околу десет километри јужно од Шибеник.
Според началникот на противпожарната служба на Шибеничката противпожарна служба, пожарот бил предизвикан од удар од гром. „Не ги користевме противпожарните возила бидејќи е лошо време и не можат да летаат, користевме голем број пожарникари од Противпожарната служба и локални ДВД-а. Имаме навистина голем пожар“, рече Волимир Милошевиќ.