Повторно претставник на нашата земја е европски вицешампион на Европскиот квиз на парите
Христијан Андовски од Велес го освои второто место на годинешното издание на најголемото европско натпреварување во сферата на финансиската едукација
На најголемото европско натпреварување во сферата на финансиската едукација, вторпат по ред се случи голем успех за нашата земја. Европската банкарска федерација (ЕБФ) ги објави победниците на годинешното издание на европското финале на Европскиот квиз на парите и соопшти дека европски вицешампион е Христијан Андовски од средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес. Првото место го освои претставник на Шпанија, додека третопласирани се претставници на Чешка.
Минатата година, кога нашата земја за првпат учествуваше во Европскиот квиз на парите, европски вицешампиони беа Викторија Панова и Марко Инѓилизов од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, коишто претходно беа победници на националниот натпревар. Повторувањето на успехот на европско ниво од страна на младиот велешанец Андовски, уште еднаш потврдува дека интензивното вложување во финансиската едукација на младите од земјата, веќе дава видливи резултати, како преку интересот на младите за стекнување знаења во областа на финансиите, така и преку подигнување на нивото на нивната финансиска писменост. Дополнителен показател за ова е и тоа што годинава, во големото европско финале на Европскиот квиз на парите, најбројни беа претставниците на нашата земја.
Инаку, Андовски ја имаше искористено можноста што годинава ЕБФ ја даде заради глобалните околности со пандемијата на ковид-19, во финалето на Европскиот квиз на парите, преку онлајн-пристап да можат да учествуваат сите заинтересирани, вклучително и учениците коишто претходно не учествувале во националните натпреварувања. Второто место во Европа, тој го освои во конкуренција на голем број натпреварувачи од 28 држави. Според податоците на ЕБФ, во европски рамки, преку онлајн-платформата Кахут (Kahoot!), оваа година, бројот на учесници на Европскиот квиз на парите е значајно поголем во споредба со минатата година.
Учеството на нашата земја на Европскиот квиз на парите го организира Македонската банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, со поддршка од Министерството за финансии и Министерството за образование и наука. За претстојниот период се планираат и други заеднички активности во сферата на финансиската едукација, прилагодени на можностите во текот на пандемијата на ковид-19.