Повторно намалени прогнозите за продажба на автомобили во Европа, но глобалното снабдување се подобрува


Бидејќи европските краткорочни прогнози за продажба на автомобили повторно се намалени поради Кина и Русија, инвеститорите се загрижени дека додека да се решат проблемите во синџирот на снабдување, основниот раст на побарувачката може да се намали.

Имаше позитивни вести за недостигот на чипови. Прогнозите за глобалната продажба се исто така слаби, но се очекува да продолжат со силен раст за неколку години.

Инвестициската банка „Морган Стенли“ (Morgan Stanley) вели во извештај дека благодарение на повторното отворање на Кина по заклучувањето поради Ковид, се зголеми понудата, додека падот на побарувачката за потрошувачка електроника го ослободи пристапот до полупроводници за автомобилската индустрија. Друга инвестициска банка, „Ју-Би-Ес“ (UBS), вели дека понудата на полупроводници ќе се зголемува постепено и материјално во следната година. UBS соопшти дека побарувачката за премиум седани и теренци ќе ги надмине масовните пазари благодарение на издржливоста на потрошувачите со високи приходи, додека секторот за електрични возила со батерии (BEV) продолжува да работи добро.

LMC Automotive, во своето месечно ажурирање на продажбата за Западна Европа, повторно ја намали својата прогноза. Сега вели дека продажбата ќе се намали за 7,4 отсто во 2022 година на 9,81 милиони возила, во споредба со прогнозата пред еден месец за пад од 6 отсто. На почетокот на годината, LMC Automotive сметаше дека продажбата ќе се зголеми за 8,6 отсто, но руската инвазија на Украина го попречи тоа.

Во светот пред коронавирусот во 2019 година, продажбата во Западна Европа достигна 14,29 милиони возила.

„Предвидуваме дека пазарот во 2022 година ќе биде под нивото во однос на 2020 и 2021 година, и на околу две третини од нивоата забележани во 2019 година, поради нашата основна претпоставка дека проблемите со синџирите на снабдување ќе ги ограничат резултатите во текот на оваа година и во 2023 година“, вели LMC во извештај.

„Ризиците сè уште влечат надолу, со најнепосредна закана за прогнозата што е предизвикана од подолгиот од очекуваниот конфликт во Украина или влошеното нарушување на синџирите на снабдување поради кинеската политика кон Ковид-19. Ситуацијата на страната на побарувачката станува сè помрачна, нагласена со фактот дека довербата на потрошувачите во Европа моментално е пониска од онаа на почетокот на пандемијата“, се вели во извештајот.

Западна Европа ги вклучува сите големи пазари на Германија, Британија, Франција, Шпанија и Италија.

„Морган Стенли“, во својот извештај, вели дека иако околностите и натаму се променливи, долготрајниот глобален недостиг на авточипови може да се приближува до решение.

Претходниот извештај на UBS посочува дека моделот на раст на цените на стоките наменети за автомобилите се променил на почетокот на март, предводен од цените на никелот и литиумот.

Во меѓувреме, Automotive News Europe објави дека „Мерцедес“ и БМВ добиваат доволно високотехнолошки компоненти за да овозможат производниот капацитет да се врати на врвот. VW забележуваше стабилно снабдување, иако изрази одредена неизвесност за следните месеци.

Минатиот месец германскиот Центар за истражување на автомобили (CARAR) соопшти дека глобалната продажба во 2022 година ќе падне на 67,6 милиони возила од минатогодишните 71,3 милиони. Се сметаше дека продажбата го достигна дното во 2020 година на 68,6 милиони по намалувањето на 79,9 милиони во 2019 година поради глобалното економско заклучување заради стравот од пандемијата на коронавирус.

Глобалната продажба достигна врв во 2017 година со 84,4 милиони возила.

CAR предвидува бавно, но стабилно подобрување со 70,8 милиони продажби во 2023 година, 73,4 милиони во 2024 година и 75,4 милиони во 2025 година.

„Глобално, ова е најлошиот пазар на автомобили во последните 10 години“, посочуваат од Центар за истражување на автомобили. (Форбс)