Повторно гори галијата во Вардар кај „Холидеј ин“


Фото: Б. Грданоски

 

Се запали галијата во реката Вардар кај хотелот „Холидеј ин“ во строгиот центар на Скопје.

Од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје велат дека во моментов пожарникари со возила одат кон кејот за да интервенираат.

Се работи за галијата „Среќа“, која еднаш веќе гореше, а додека градоначалник беше Петре Шилегов, таа почна да се урива. Но, градоначалничката Данела Арсовска го прекина уривањето и галијата остана да стои во Вардар, а од неа беше отстранет ентериерот и дограмата.

Звонко Томевски, командир на противпожарната бригада на Град Скопје, изјави дека пожарот е локализиран и оти се работи на негово гаснење. 

– Интервенираат 12 пожарникари со три протовпожарни возила, изјави Томевски.

Дојавата за пожар во една од галиите на Вардар ја добиле во 13:01 часот и испратиле три противпожарни возила.

-Пристигнати се во 13:05, интервенирано е брзо, спречено е проширување на пожарот кој имаше зафатено дел од Галијата, односно надворешниот дел од предниот дел и внатрешно, каде што имаше депонирано поголема количина на смет. Интервенирано е брзо, пожарот е брзо ставен под контрола, истакна Томески во изјава за медиумите.

Додаде дека причината ќе ја констатираат другите служби но она што е видливо на самата галија е дека има поголема количина на смет и најверојатно престојувале лица кои биле во близина на самата галија.

– Нема довод на електрична енергија, најверојатно се работи за човечки фактор, ќе оставиме истражните органи да ја утврдат причината. Во самата галија со наше пристигнување не затекнавме никого, проверено е во целост, нема ниту повредени ниту загинати лица, информираше Томески.