Повлечен предлогот за добивање државјанство со тројца сведоци


Комисијата за одбрана и безбедност денеска ја почна седницата на која треба да се одржи амандманската расправа за измените и дополнувањата на Законот за државјанството, по скратена постапка, поднесен од пратениците од Алијанса на Албанците (АА) и Алтернатива. За законот, според најавите, се подготвени десетина комисиски амандмани, по разговорите што ги имаа претседателите на СДСМ и премиер Зоран Заев и на АА и Алтернатива Зијадин Села.

Претседателот на Комисијата Миле Талески ја прекина седницата и побара најавените амандмани од АА и Алтернатива да бидат доставени до пратениците, а продолжението на седницата ќе биде дополнително закажано.

Алијанса-Алтернатива го повлекла предлогот за добивање државјанство со изјави на тројца сведоци и, ако се усвојат новите амандмани, ќе биде потребно приложување некаков документ како доказ дека лицето имало одредени образовни, имотни или други активности во земјава.

ВМРО-ДПМНЕ ги повлече поднесените 548 амандмани за законот, но пратениците побараа за законот да се одржи јавна расправа на која ќе се повикаат сите релевантни чинители и да биде изграден заеднички став дали предлозите се сериозни и може да се предложат амандмани. Предлогот не беше ставен на гласање бидејќи процедуралната можност за тоа, како што објасни Талески, била исцрпена.

Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на АА и Алтернатива рече дека Законот не треба да се политизира бидејќи треба да се решат проблемите на една категорија на граѓани која има институционален проблем.

-Чекајте да ги видиме амандманите. Мнозинството ќе одлучи. Да им дадеме предност на граѓаните, рече Реџепи најавувајќи дека ќе предложат комисиски амандмани.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека тие ќе го поддржат поддржат ставот на предлагачот на законот само за да нема, како што кажа, „политизирање и партизирање“ иако и тие имале забелешки за првото читање на законот.

Поддршка за законот односно за ваквиот начин на доуредување на законот дадоа и Фадил Зендели од Беса и Сурија Рушити од Алијанса на Албанците.