Повеќемина повредени во три одделни сообраќајни незгоди


 

Три тешки сообраќајни незгоди се случиле во изминатово деноноќие во кои се повредени повеќе учесници.

Во неделата, во 21.30 часот било пријавено дека на локалниот пат село Кондово-село Радуша се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „форд мондео“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од Б.А.(36) од село Радуша, Скопско и патничко моторно возило „венто“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.Љ.(28) од село Сарај, Скопско. По незгодата сопатникот од патничко моторно возило „венто“ – И.Љ.(52) од село Сарај, и возачот на патничко моторно возило „форд мондео“ – Б.А. биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, каде кај И.Љ. биле констатирани тешки телесни повреди, додека кај Б.А. биле констатирани повреди. На местото на настанот извршен е увид од СВР Скопје.

Истиот ден во 21.15 часот на бул.„Словенија“ било пријавено дека се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Н.(23) од Скопје и патничко моторно возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од И.З.(38) од Скопје. По незгодата учесниците се пренесени во Градската општа болница „8-ми Септември“ и Комплекс клиники „Мајка Тереза“ каде на возачот И.З. и возачот Б.Н. како и на неговите сопатници Е.Р.(21) од Скопје и Е.Е.(20) им биле констатирани повреди, додека на сопатникот М.М.(22) му биле констатирани тешки телесни повреди. На местото на настанот извршен е увид од СВР Скопје.

Во 8.20 часот било пријавено дека на влез кај село Бело Поле, Прилепско се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило “опел астра“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од П.М.(57) од село Бело Поле и товарно моторно возило “мерцедес“ со прилепски регистарски ознаки, управувано од Т.Ѓ.(46) од Прилеп. Во незгодата со тешки телесни повреди се здобил П.М. констатирани во Градската болница Прилеп. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица Прилеп.