Потпретседателот на ЕБОР во прва официјална посета на земјата, потпишани три финансиски договори

Матео Патроне, потпретседател за банкарство во Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја посети Северна Македонија на 10 и 11 септември, во неговата прва официјална посета на земјата, по именувањето на оваа функција, соопштија од ЕБОР.
За време на посетата оствари средба со премиерот Христијан Мицкоски, министерката за финансии и гувернер на ЕБОР, Гордана Димитриеска Кочоска и министерот за транспорт, Александар Николоски.
Патроне потпиша и три финансиски договори со клиенти во приватниот сектор. Еден од нив е договор во износ од ЕУР 20 милиони од Програмата за споделување на ризикот, потпишан со ПроКредит Банка Македонија, кој е прв договор од овој вид со ПКБМ и втор во земјата. Со овој финансиски инструмент ПКБМ ќе го сподели ризикот со ЕБОР на определени изложувања кон клиентите, каде ЕБОР ќе даде гаранции до 50 отсто од определеното портфолио. Оваа структура ќе и овозможи на ПКБМ, да се стекне со придобивки од ограничувањата на капитал и лимитите на изложување, со што ќе се зајакне капацитетот на поддршка на локалните бизниси.
Како дел од тековната поддршка на ЕБОР, за развој на приватниот сектор во одделот за производство и услуги на Западен Балкан, Патроне ја потпиша третата транша од Договорот за кредит со Варус ДООЕЛ, ексклузивен дистрибутер на фармацевтски и хемиски производи на Мерк во Северна Македонија и Косово, и хемиски производи во Албанија. Новите средства ќе се користат за финансирање на аквизицијата на дополнително земјиште, за да се оптимизира логистиката и за реновирање на административните капацитети на компанијата. Инвестицијата е дел од поголем финансиски пакет во вредност од ЕУР 4,6 милиони, од кои ЕУР 2,4 милиони се ново финансирање и се насочени во поддршка на развојот на компанијата, за изградба на нов логистички и магацински центар, и надградба на постоечката инфраструктура. Варус, преку нејзината подружница Бионика Фармацеутикалс, е исто така активна во производство и дистрибуција на лекови, додатоци во исхраната, медикаменти во слободна продажба, медицински помагала и козметика, и соработува со ЕБОР од 2021 година.
Банката продолжува да ја поддржува конкурентноста на клиентите во прехранбениот и земјоделскиот сектор, преку поддршка на Макпрогрес ДОО Виница. Шпаркасе банка ќе обезбеди до ЕУР 2,5 милиони кредит за локалниот производител на храна, со гаранција од ЕБОР до ЕУР 1,25 милиони преку Програмата за споделување на ризикот. Финансирањето ќе се искористи за поддршка на потребите на Макпрогрес за обртен капитал, овозможувајќи и на компанијата да ја имплементира стратегијата на раст и да продолжи да придонесува во развој на локалната економија.
„Нашиот ангажман во Северна Македонија ја потврдува улогата на ЕБОР како клучен партнер на Западен Балкан. Посетата обезбеди можност за формализирање на неколку значајни договори и водење на конструктивен дијалог со владините претставници. Преку зајакнување на врските во јавниот и приватниот сектор, продолжуваме да го поддржуваме растот на земјата кон одржлив и инклузивен економски развој“, изјави Патроне.
Од 1993 година, кога Северна Македонија стана членка на ЕБОР, Банката има инвестирано над ЕУР 3 милијарди во 205 проекти во земјата, вклучувајќи ЕУР 151 милиони во 13 проекти во 2024 година, се вели во соопштението на Европската банка за обнова и развој.