Потпишете изјава дека нацрт-ДУП за „Барутана“ е безбеден по животот на граѓаните, повика Билјана Ивановска на презентацијата на планот


Во тензична атмосфера, со на моменти вербални конфликти, помина денешната презентација на нацрт-деталниот урбанистички план (ДУП) за парцелата Ј05, позната како „Барутана“ на падините на Водно. Со нацрт-ДУП на ова место се привидува изградба на нови објекти на површина од 29 000 квадратни метри, што според дел од советниците и граѓанските инцијативи ќе значи дополнителна бетонизација на Водно и опасност за централното градско подрачје.

Дел од атмосферата на презентацијата на нацрт-планот пренесе телевизијата Телма. Според она што може да се види и слушне, граѓани, советници и граѓански иницијативи поставуваа прашања, но и ги изнесуваат своите ставови против нацрт-ДУП.

Условно кажано, најжестоки во забелешките беа од иницијативата „Шанса за Центар“. Условно кажано, кулминација во расправата беше излагањето на поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата и кандидатка за градоначалник на Општина Центар на последните локални избори лани, Билјана Ивановска.

„Што треба да се случи, луѓе бре, уште да дојде Водно на плоштад ли треба“, рече таа.

Потоа ги праша присутните претставници од Секторот за урбанизам на Општината колку пати биле на местото.


Реакции на граѓаните на денешната јавна презентација на нацрт-ДУП за „Барутана“ во Општина Центар / Фото: Принтскрин

Откако тие и рекоа дека биле најмалку 20-30 пати, Ивановска стана и подаде листови хартија и побара од нив да потпишат изјави дека гарантираат оти нема ништо да се случи по животот и здравјето на граѓаните доколку нацрт-ДУП за „Барутана“ биде донесен и влезе во сила.

„Штом толку пати сте биле, и сте свесни и знаете сè, јас ве молам да потпишете изјава со која гарантирате дека нема да дојде животот на луѓето во опасност. Да видиме дека нема ништо да се случи. Ве молам, потпишете се“, рече Ивановска стоејќи пред претставниците од Секторот за урбанизам.

„Потпишете се“, повтори таа чекајќи реакција од повиканите.

Инаку, како што пренесе телевизијата, дел од граѓаните де интересирале за како планот ќе се одрази нивните земјишта и имоти, и што предложениот план ќе значи за нив во иднина.

Нацрт-ДУП за „Барутана“ го претстави раководителката на Одделението за урбанистичко планирање на Општина Центар, Биљана Насковиќ, која меѓу другото говореше за процесот на експропријација.

„За да биде тоа праведно и за да нема отпор кој секогаш се јавува кога има експропријација, откупувањето мора да биде праведно. Никој нема да се буни ако му се објасни дека е во име на јавното добро, дека е во името на јавниот интерес, меѓутоа да може да си го оствари своето право на друго место. Работата е што на територијата на Општина Центар, да бидеме свесни има многу малку слободни земјишта“, рече таа.
На забелешка дека просторот е необновлив ресурс, таа рече дека апсолутно се согласува.

Инаку, нацрт-ДУП за „Барутана“ предвидува изградбна на 25 објекти со вкупна станбена површина од 29 000 квадратни метри. Објектите треба да бидат со приземје и два ката.

Нацрт-ДУП е на јавна анкета до 14 септември, до кога граѓаните ќе имаат можност да ги дадат своите забелешки, предлози и мислења.

Од понеделникот (31 август) е објавена и петиција од страна на „Шанса за Центар“, со која се бара граѓаните да дадат поддршка на нивното барање за повлекување на нацрт-ДУП за „Барутана“.

Советничката во Советот на Град Скопје од редовите на иницијативата „Шанса за центар“, Јана Белчева, во понеделникот на седницата за советнички прашања на Советот го повика градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, да иницира преиспитување и повлекување на позитивното мислење од надлежната комисија на Градот за нацрт-деталниот урбанистички план.

Таа во своето обраќање до градоначалникот на Скопје ги образложи причини поради кои бараат повлекување на нацрт-ДУП, наведувајќи дека освен безбедносните предизвици од еколошки, проблематично е и тоа што планот за Барутана не е усогласен со актуелниот Генерален урбанистички план (ГУП). Ова, како што рече, ја доведува во прашање легалноста на планот.

Таа посочи дека одговорен за почитувањето на планираното во ГУП е Градот, но стручната комисија во конкретниот случај не утврдила неусогласеност, и на 15 октомври минатата година дала позитивно мислење и со тоа трасирала патот за, како што кажа Белчева, овој опасен план за Водно.

Ѓорѓиевски реагираше уште додека Белчева го поставуваше прашањето, а во одговорот дополнително појасни оти побарал од советничката да спомене дека планот за „Барутана“ добил поддршка од Град Скопје, пред да бидат завршени локалните избори, лани, односно за време на претходната градската администрација.

Актуелниот градоначалник, според неговиот одговор на седницата, изрази подготвеност да разговара со надлежните служби во Градот за да се испита дали постои можноста за повлекување или дополнително постапување по нацрт-ДУП.

За планот за „Барутана“ тој зборуваше и вчера, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на првата линија на градскиот воз. Повтори дека планот добил поддршка од Град Скопје пред да бидат завршени локалните избори лани, односно за време на претходната градската администрација, и оти свикал Комисија за урбанизам и разговарал со членовите, но, како што, потенцира, целата постапка ја води Општина Центар и тој нема детали околу тој ДУП.

„Град Скопје дава само мислење дали конкретен ДУП е во согласност со параметрите на Генералниот урбанистички план (ГУП). Тие планови ниту ги носи ниту ги прави Градот Скопје“, рече Ѓорѓиевски.