Потпишан последниот протокол за воспоставување на заеднички контроли со Албанија


Директорите на царинските управи на Северна Македонија и Албанија, Стефан Богоев и Генти Гажели денеска на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане го потпишаа последниот протокол за спроведување на Договорот за воспоставување на заеднички граничен премин меѓу двете земји.

Како што соопштија од Царинската управа, со потпишувањето на протоколот се завршуваат и последните подготовки за воведување на one-stop-shop на овој граничен премин, со цел спроведување на поефикасни и олеснети гранични формалности, пократко време на чекање на граница, односно поквалитетни услуги за економските оператори и патниците.

 

Директорот Богоев истакна дека на овој граничен премин се завршени сите потребни инфраструктурни зафати и дека блиската соработка меѓу службите на царинските управи и граничните полиции на двете земји ќе резултира со забрзување на протокот на стоки и патници и ќе ги подобри резултатите при откривање на нелегални активности на граница, а со тоа ќе се зголеми и безбедноста за граѓаните.