Потпишан Договор за грант од 2, 4 милиони евра за железнички граничен премин Табановце


Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и шефот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој Фатих Туркменоглу, денеска го потпишаа Договорот за инвестициски грант од 2, 4 милиони евра за проектот за изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце.

Договорт за грант е дел од инвестициониот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија на Табановце.

Претходно Европската банка за обнова и развој за овој проект одобри заем од 5 милиони евра како и грант средства од 250 илјади евра.

Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царина и инспекциски служби на Македонија и Србија, како и реновирање на постојните објекти во Табановце. Исто така предвидена е изградба и на нова патна и комунална инфраструктура.

„Се работи за заеднички железнички премин помеѓу Македонија и Србија. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата помеѓу двете држави, затоа што ќе имаме “ONE STOP SHOP”, покрај на патничкиот кога се патува со автомобили, автобуси и камиони, истото ќе биде и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување на редовна патничка железничка линија помеѓу Скопје и Белград, за што се потребни секако напори од двете страни. Се работи за проект кој што е во вредност од вкупно 7,4 милиони евра во градежниот дел и 250.000 евра во делот на консултантски услуги и надзор. Сметаме дека еден од главните економски крвотоци на државата е токму Коридорот 10, кој што почнува на јужните пристаништа, на пристаништето Пиреа кај Атина и на солунското пристаниште и продолжува до Централна Европа, до државите како Унгарија, Австрија, Чешка и Словачка и практично да се забрза движењето на добра и стоки во двата правци и за увоз во Европа, но исто така и за извоз од Европа. Ние се обидуваме во тој дел навистина да придонесеме, така што е големо задоволство, ова ќе значи нови работни места, зголемена економска активност и ова секако ќе значи побрз транзит на патници и стока низ нашата држава, што секако ќе ја направи уште поатрактивна” – истакна вицепремиерот Николоски.

Според планираната динамика, се очекува да оваа година да се избере изведувачот и да започне изградбата на заедничката железничка станица со придружните објекти и истата да се заврши во рок од две години.

На потпишувањето покрај Фатих Туркменоглу, шеф на канцеларијата на ЕБОР, се обрати и евроамбасадорот Михалис Рокас.