Поткуп од 1.500 денари за глас на изборите во Кочани


Во полицијата во Кочани е пријавен случај во кој лице давало поткуп од 1.500 денари за глас за вториот круг на локалните избори за градоначалник.

Случајот го потврдија од Секторот за внатрешни работи во Штип, при што се истакнува дека во ОВР-Кочани било пријавено дека 53-годишниот Д.С. од Кочани на повеќе лица им дал по 1.500 денари за тие да гласаат за кандидат за градоначалник. Веднаш се преземени соодветни мерки и активности, извршени се разговори со повеќе лица, а денеска Д.С. е повикан на информативен разговор во полицијата.

По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок до надлежното Основно јавно обвинителство во Кочани.

Сличен случај е пријавен и во Македонска Каменица, каде деветнасетгодишник од каменичкото село Цера денеска во полициската станица во Македонска Каменица пријавил обид за поткуп за глас, за што, како што стои во полициското соопштение, му биле понудени 1.000 денари во партиски штаб во Македонска Каменица.

– На 29.10.2021 во 11:50 часот, 19-годишно машко лице  од село Цера, Македонска Каменица во полициското одделение Македонска Каменица пријавило кривично дело по член 162 став 1 од Казнениот законик на Република Северна Македонија. Имено, според пријавата, тој непосредно пред пријавувањето бил повикан во штаб на политичка партија во Македонска Каменица, каде од страна на В.В. од Македонска Каменица му биле дадени 1.000 денари за да гласа за кандидатот за градоначалник од таа политичката партија, информираат од полицијата.

За случајот, како што се дополнува во полициското соопштение, известен е јавен обвинител, а В.В. е  повикан во Полициското одделение Македонска Каменица.

По документирање на случајот најавен е соодветен поднесок од страна на полицијата.