Постигнат договор со жителите од Слупчане, ЕВН ќе ја реконструира мрежата


ЕВН и жителите на Слупчане постигнаа договор. Екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане, соопштија од ЕВН.

– Постигнат е договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии. Наредната недела во организација на министерот за економија и градоначалникот на Липково ќе се одржи состанок во општина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9-ти август, годинава, информираа од ЕВН.

Во моментов екипите се на терен и работат на санација на дефектите.

И министерот за економија Крешник Бектеши вечерва рече декакако што бил информиран од страна на градоначалникот и од страна на претставници во Слупчане, проблемот ќе биде решен.

„ЕВН и жителите имаат некаков предлог договор“, изјави Бектеши во врска со случувањата во ова населено место каде жителите не им дозволуваат пристап на екипите на ЕВН. 

„Не може ако одредено правно или физичко лице прави проблем, да страдаат сите. Мора да се направи мрежа согласно европските стандарди каде што во случај физичко или правно лице да направи злоупотреби, за него да се исклучи снабдувањето со електрична енергија, а не и за неговиот сосед или  целиот град, рече Бектеши во централниот дневник на „Сител“.

Бектеши е на став дека сметките за струја мора да се плаќаат, а загубите во електродистрибутивната мрежа да се намалат.