Поставен камен-темелник на новиот објект на Полициската станица Аеродром


На локацијата на старата Полициска станица во Аеродром денеска беше поставен камен темелник на новиот објект на Полициската станица од општа надлежност Аеродром во рамки на Секторот за внатрешни работи Скопје.

Новата полициска станица е проектирана да се изгради на површина од 3.500 квадратни метри со рок за изградба 30 месеци, а вкупна вредност од околу 130 милиони денари со вклучено ДДВ, предвидени се во буџетот на Република Северна Македонија.

Објектот е предвидено да биде изграден на три нивоа, подрум приземје и кат, при што, како што посочија од Министерството за внатрешни работи, опфатени се сите потребни содржини и простории кои се во согласност со полициските и меѓународно прифатените безбедносни стандарди и нормативи.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, информираше дека новата полициска станица Аеродром претставува трет објект во низата нови градби на МВР по ИКТ центарот за чување и заштита на податоци и за опоравување од катастофи во Прилеп, како и најсовремената форензичка лабораторија на Балканот во склоп на Министерството.

– Она што ми претставува особено задоволство е тоа што го продолжуваме концептот, сината униформа дејствува за зелена околина, односно, фактот што објектот е во согласност со стандардите за енергетска ефикасност, рече Спасовски.

Тој посочи дека активностите коишто ќе бидат реализирани во иднина се реконструкција на Центарот за обука во Идризово и на Одделот за граѓански работи во Македонска радио-телевизија.

Премиерот Димитар Ковачевски ги образложи капиталните инвестиции во овој ресор, набројувајќи ги проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, со 80 комплетно реконструирани енергетски ефикасни објекти во кои се вложени осум милиони евра.

– Реализираме капитални инвестиции, инвестираме во модернизација и заштита на нашите припадници на полицијата и со тоа инвестираме во подобра и побезбедна иднина за сите нас, рече тој.

Кој ја гради полициската станица во Аеродром?

„Еуровиа ДООЕЛ“ го доби тендерот за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром. Вредноста на набавката чии носител е МВР на министерот Оливер Спасовски изнесува нешто над 2 милиони евра. На тендерот учествувале вкупно 12 економски оператори од кои пет биле елиминирани во текот на постапката, односно во фазата на евалуација, и не стигнале до електронска аукцијата.

Како што пишуваше „Фокус“, сопственици на  „Еуровиа ДООЕЛ“ се Ељмедин и Ељдин Адеми, роднини на сега покојниот, поранешен министер за образование, вицепремиер за Рамковен договор и генерален секретар на ДУИ,  Абдулаќим Адеми.