Последни подготовки за прославата на 30 години независност


Фото: Б. Грданоски

До зградата на Собранието во Скопје, денеска е поставена бина на која утре ќе се одржи централната прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста.

Годинава прославуваме 30 години од независноста на Македонија, а по тој повод се одржуваат повеќе настани.

Со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од нашиот композитор Живоин Глишиќ и дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата, во среда на „8 Септември“ во 17.30 часот пред Парламентот ќе започне прославата по повод 30 години независност.

Официјалниот дел ќе почне во 18.30 часот со интонирање на химната на Северна Македонија од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.

По обраќањето на премиерот, во 19.30 часот започнува музичкиот дел со изведба на песна специјално аранжирана за оваа прилика и музички дел со познати солисти кои заедно со Националната филхармонија ќе изведат неколку антологиски забавни нумери.

Присуство само со сертификат

Покрај официјалните гости и медиуми, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1.000 граѓани кои ќе можат да се акредитираат за бесплатен билет и сите ќе требаат да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од Ковид-19.

Затворен за сообраќај центарот на градот

Од денеска пак, со цел нпепречено одвивање на пролсават има посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје. Се прават проби, а се поставуваше и бината кај Собранието.

Поради тоа, затворени за сообраќај од 11 часот се ул.„11 Октомври” и ул. „Димитрие Чупоски” во правец на движење од ул.„Васил Главинов” до ул.„Филип Втори Македонски”, додека спротивниот правец ќе биде отворен за сообраќај, а од 15 часот сообраќајот ќе биде затворен во двата правци, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираат дека од 23 часот на 07.09.2021 до 11 часот на 08.09.2021 година дополнително затворени за сообраќај ќе бидат ул.„Даме Груев” на потегот од крстосницата со ул.„Македонија” до крстосницата со ул.„11-ти Октомври” и ул.„Филип Втори” на потег од „Кеј 13 Ноември” до ул.„11 Октомври” и ул.„11 Октомври” на потегот од бул. „Кочо Рацин” до ул. „Даме Груев”.

Одделението за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по горенаведените улици, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.

Осамостојување изгласано на референдум во 1991 година

Македонија три децении е независна држава, придобивка од историскиот 8 септември 1991 година, ден на заокружување на долгата борба за национална самобитност и државна независност.

На референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно се изјаснија 95,09 отсто од излезените граѓани, или 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас, за суверена и самостојна македонска држава под името Република Македонија.

По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје. Идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обрати кон македонскиот народ со историскиот говор.

– Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија – рече Глигоров. (Б.Б.)