Последиците од ураганот Ида и разговорот на Бајден и Си ја зголемија цената на нафтата на 73 долари


Цените на нафтата се зголемија на 73 долари на меѓународните пазари во петокот, поттикнати од индикациите за потешкотии со снабдувањето во САД по ураганот Ида и оптимизмот дека САД и Кина можат да ги подобрат трговските односи.

На лондонскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 1,23 долари во споредба со претходното затворање и изнесуваше 72,68 долари. Вчера тргувањето беше заклучено на минус 1,15 долари.

На американскиот пазар барел нафта денеска се тргуваше по повисока цена за 1,08 долари, и изнесуваше 69,22 долари. Вчера тргувањето беше заклучено на минус 1,15 долари.

Пазарите вчера реагираа на веста дека Кина ќе продава нафта од државните резерви за да ги намали високите трошоци за домашните рафинерии. Кина е најголемиот увозник на нафта во светот.

Денес, трговците повторно се фокусираа на бавното закрепнување на американското производство по ураганот Ида.

Приближно три четвртини од производството на нафта во Мексиканскиот Залив во САД, околу 1,4 милиони барели дневно, се уште е запрено по опустошувањето на Ида кон крајот на август. Количината одговара на нигериското производство, забележува Ројтерс.

„И покрај започнување на производството на нафта на море, влијанието на Ида најверојатно ќе се почувствува во наредните недели“, рече брокерот на PVM, Стивен Бренок.

Поддршката на пазарот на нафта, но и на обврзници исто така обезбеди веста за разговорот меѓу американскиот претседател Џо Бајден и неговиот кинески колега Си Џинпинг, што ги зголеми надежите дека односите меѓу двете земји може да се подобрат и да донесат посмирени денови за глобалната трговија, велат аналитичарите.

Следната недела, фокусот ќе биде ставен на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), кои треба да ги сменат прогнозите за растот на побарувачката на нафта следната година.

Трговците, исто така, сакаат да знаат дали ширењето на делта варијантата на корона вирусот ќе го одложи целосното враќање на побарувачката на нивоата пред пандемијата во 2019 година, објаснува Ројтерс.

Одделно, ОПЕК денес објави на својата веб -страница дека цената на барел од референтната кошница нафта на нејзините членки во четвртокот била 71,82 долари, што значи дека е за 65 центи повисока од претходниот трговски ден.