„Пошта“ проработи по три дена прекин, ги изнервирал Апасиев
Од Македонска пошта стигна известување дека работата е нормализирана, откако Димитар Апасиев реагираше за нејзиното неработење на социјалните мрежи. Причина што три дена не се примаа пратки било невремето.
„Кога Димитар Апасиев нема факти, прибегнува кон лаги, навреди и евтин популизам. Да, Поштата три дена не работеше поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвика, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено. Наместо да покаже елементарно разбирање за вонредна состојба, Апасиев избра да шири дезинформации, да навредува илјадници вработени и да собира политички поени врз грбот на институцијата. ЈП Пошта нема да биде заложник на нечии политички фрустрации. Граѓаните заслужуваат факти, а не измислици и евтини политички претстави“, пшува во објавата на Пошта на нејзиниот Фејсбук-профил.
Вчера, пак, Пошта информираше дека имала проблем со софтверската инфраструктура:
„АД Пошта на Северна Македонија ја информира јавноста дека е точно оти веќе три дена информатичкиот систем на компанијата не е во функција поради дефект на серверската инфраструктура. Во овој момент причините за дефектот сè уште не се познати и не може да се тврди дека истиот е настанат како последица на невремето или од која било друга конкретна причина. По целосното нормализирање на системот ќе биде спроведена детална анализа за утврдување на причините за настанатиот дефект“, напишаа од Пошта, исто така на Фејсбук.
Претходно Ашасиев напиша:
„Македонска ПОШТА веќе трет ден не прима писма! Адвокати пропуштаат рокови за жалби. Никој не им го опира.
А, инаку, Поштата ни е дувло за овие “по Рамковен”. Некои од нив знаат само бројки на македонски. Букви јок! Не знам дали знаете, ама има вработени кои лежат затвор у Италија, а тука им тече плата!?
И одма ми е полесно на душава кога ќе прочитам дека поштата на Маите и Ацтеките во Латинска Америка (во Среден Век) била побрза од нашава! И ова не ми е сарказам туку потврден факт. Еве на пример мене, честитката од еден министер за Нова Година ми стигна во април.“