Португалската полиција заплени рекордни девет тони кокаин од „нарко-подморница“


Нарко подморницата со 35 бали кокаин најпосле потона во атлантикот

 

Рекордни девет тони Португалската полиција заплени рекордна количина од речиси девет тони кокаин откако пресретна „нарко-подморница“ кај Азорските Острови, која превезуваше, за која се смета, најголема пратка дрога досега пронајдена на една од полуподморниците што се упатуваа кон Европа.

Португалската судска полиција соопшти дека нејзините службеници го конфискувале товарот во неодамнешна заедничка операција со морнарицата и воздухопловните сили на земјата, спроведена во координација со Администрацијата за борба против дрога на САД и Националната агенција за криминал на Велика Британија.

Пресретнатото пловило на крајот потона, носејќи 35 бали кокаин со себе на дното на Атлантскиот Океан. Четворицата мажи на бродот – тројца Колумбијци и еден Венецуелец – беа уапсени.

„Бродот, кој дошол од Латинска Америка и бил со екипаж од четири странски државјани, носел 300 бали кокаин“, се вели во соопштението на португалската полиција. „Пресретнувањето на бродот се случи на море, приближно 230 наутички милји од Азорските Острови, под исклучително тешки и опасни услови поради моменталните неповолни временски услови“.

Портпарол на полицијата за агенцијата Франс Прес изјави дека операцијата резултирала со „најголемата заплена на кокаин досега во Португалија“. Според извештаите на португалските медиуми, запленетата дрога би можела да вреди до 600 милиони евра.

Во март минатата година, португалската полиција лоцираше и пресретна уште една нарко-подморница кај Азорските Острови, која превезуваше речиси 6,5 тони кокаин во Европа.

Иако полу-подморничките возила редовно се користат во Колумбија и други делови од Јужна и Централна Америка од 1980-те, тие не беа откриени во европските води сè до 2006 година, кога беше пронајдена напуштена подморница во естуар во северозападниот шпански регион Галиција.

Првата целосно натоварена нарко-подморница пронајдена во европските води беше откриена во залив во Галиција во 2019 година, каде што беше потопена заедно со нејзиниот товар од три тони кокаин.

Пред четири месеци, шпанската полиција заплени 3,6 тони кокаин што беше донесен во Галиција со нарко-подморница.

Во интервју за „Гардијан“ минатиот месец, шефот на централната бригада за наркотици на шпанската национална полиција изјави дека падот на цените на кокаинот ги наведува нарко-бандите да ги користат повторно нарко-подморниците што некогаш би ги отфрлиле на крајот од еднонасочното патување од Јужна Америка.

„Цената на стоката е навистина, навистина ниска, па организациите, логично, повторно размислиле“, рече Алберто Моралес. „Наместо да ги потонат, она што сега го прават е да ја истоварат стоката и да постават платформа за полнење гориво на море, така што полуподморниците можат да се вратат во земјите од кои дошле и да направат што е можно повеќе патувања“.

Шпанската полиција во понеделникот одделно објави дека разбила масовна и високо софистицирана операција за шверц на кокаин во која се користеле моќни брзи чамци и крајбрежни бази во Атлантикот за да се внесат повеќе од 57 тони дрога во Европа во текот на изминатата година.

Едногодишната истрага, предводена од Националната полиција, резултираше со 105 апсења и конфискација на 10,4 тони кокаин и запленување на 30 чамци.

Полициските службеници открија дека членови на банди со седиште во јужна Шпанија, Португалија, Канарските Острови и Мароко ја користеле темнината за да тргнат во глисери и да се сретнат со бродови за снабдување и складирање. Дрогата била товарена на глисери, од кои некои имале брзина од 40 јазли, и вратена во копнена Шпанија и Канарските Острови.