Пораст на профитите на кинеските компании, прв пат по шест месеци


Профитот на кинеските индустриски компании се зголемил за шест отсто во мај, односно за 82,28 милијарди долари, откако во април се намалил за 4,3 проценти. Ова е најголем месечен пораст од март 2019 година, јави Ројтерс.

Инаку, овој пораст на профитот на кинеските компании е прв по шест месеци, што е сигнал за економско закрепнување и за зголемување на инвестициите и вработеноста по кризата предизвикана од епидемијата на коронавирус, соопшти кинеското биро за статистика.

Сепак, и покрај навестувањата за продолжување на економската активност по парализата предизвикана од епидемијата, закрепнувањето е нерамномерно и побарувачката и во земјата и во странство е слаба поради стравувањата од втор бран инфекции и глобална рецесија.

Во првите пет месеци од оваа година, профитот на кинеските индустриски компании опадна за 19,3 проценти во однос на истиот период лани.

Зголемувањето во мај беше постигнато најмногу благодарение на профитот на клучните индустрии, производството на нафта, хемикалии, енергија и челик.