Поранешниот британски премиер Блер во Косово, во Урошевац ќе му биде откриен споменик


Поранешниот премиер на Велика Британија, Тони Блер во наредните денови се очекува да го посети Косово, при што ќе се обрати со говор во републичкото Собрание, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение за медиумите на косовското Собрание најавено е дека утре Претседателството на законодавниот дом ќе донесе одлука за свечена седница по повод посетата на Блер.

Поранешниот биртански премиер, кого во Косово го сметаат за „еден од големите пријател на Албанците“ поради неговата улога во ослободувањето на земјата од Србија, на 12 јуни во градот Урошевац ќе присуствува на церемонија по повод откривањето на негова биста.

Тони Блер беше еден од клучните светски лидери, заедно со тогашниот американски претседател, Бил Клинтон и државната секретарка, Медлин Олбрајт, командантот на НАТО, Весли Кларк и со уште неколку западноевропски водачи, кои во 1999 година ги овозможија нападите на НАТО врз воени и полициски цели на Србија и поранешна Југославија и ставањето крај на воениот конфликт во Косово, кој резултира со протерување на српските сили и подоцна прогласување на независноста на косовската држава.