Поранешен полицаец е втор Афроамериканец кој ќе биде на чело на Њујорк

Демократот Ерик Адамс, кој е поранешен полицаец и борец против расната дискриминација, победи на изборите за градоначалник на Њујорк. Во кампањата 61-годишниот демократ го победи републиканскиот ривар Куртис Силв со голема разлика во гласовите со што стана вториот Афроамериканец кој ќе биде градоначалник на Њујорк. Адамс е 110-ти градоначалник на Њујорк, а втор Афроамериканец избран вчера, додека пак должноста ќе ја преземе на 1 јануари 2022, од демократот Бил де Бласио кој беше на функцијата осум години, јавува „Њујорк тајмс“
Во кампањата Адамс ветуваше дека ќе ја зајакне безбедноста во градот и ќе им даде глас на работниците, повикувајќи се на своето искуство во полицијата и на искуството со полициската бруталност на која како Афроамериканец бил изложен во младоста. Исто така, тврдеше дека градот не може економски да закрепне ако не се расчисти со криминалот. Тој остро ги отфрлаше и повиците на смалување на буџетот за полицијата оценувајќи дека станува збор за левичарско активизам и се залагаше за рамнотежа помеѓу барањата за зајакнување на полицијата и оние за полициски реформи.
Како поборник за работничката класа, пак, доби поддршка од синдикатите и ветуваше дека ќе се залага жителите со пониски примања подобро да се поврзат со градската администрација со цел да ги добијат услугите на кои имаат право, но не ги користат.
Во управувањето со градот го очекуваат проблеми врзани со заживување на економијата по кризата предизвикана од ковид-пандемијата, економската и социјална нееднаквост, недостатокот на евтини станови и тешкотиите во јавното образование.