Пораки за 11 Октомври: Сиљановска бара да се надминат поделбите, Филипче да престане малодушноста
Од сите страни на политичкиот спектар пристигнуваат честитки за Денот на востанието, 11 Октомври. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова повика да се надминат меѓусебните поделби за заедничка борба за просперитетна иднина.
„11 Октомври е меѓникот што ја одреди нашата сегашност и иднина, денот кога ние храбро и одлучно се вклучивме во антифашистичката коалиција на слободољубиви и правдољубиви народи, со што ја избравме вистинската страна во најголемата војна во историјата на човештвото, цврсто решени да ги победиме окупаторите и да се избориме за слободна национална држава.
Благодарни на хероите за нивната натчовечка жртва, имаме одговорност кон нив, но и кон нашите деца и внуци да продолжиме да ја градиме македонската држава согласно идеалите што ни ги оставија во аманет, оти чувањето на татковината е важно колку и чинот на нејзиното ослободување.
Борбата за нашите правдини, но и за правна држава, продолжува.
Нашите претци се сплотија и заедно го постигнаа она што не можеа да го остварат засебно – слободна македонска држава.
Ве повикувам да ги надминеме меѓусебните делби и да се обединиме во заедничката борба за просперитетна европска држава и за праведно македонско општество“, порача таа.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ако нашите дедовци имале за цел да ја ослободат државата, нашата цел е да ја развиеме Македонија.
„Ерата пред нас ќе биде одбележана со економски напредок и развој, правна сигурност на системот и владеење на правото што само по себе подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата, иднина за сите граѓани, проекти за развој, надеж која носи позитивни промени, нови работни места, перспектива за младите и конечно обезбедување на подобар и поквалитетен животен стандард.
Како генерација политичари, ние немаме втора шанса, и оваа шанса и доверба која ја ни ја дадовте мораме да ја зграпчиме и од неа да извадиме најмногу што можеме“, вели Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во своето видео обраќање направи паралела на партизанската борба за слобода и сопствена држава во 1941 и денешната битка пред која се исправени граѓаните и државата.
„Денеска нашите граѓани и нашата држава повторно како и тогаш се наоѓаат пред нови битки и историски одлуки. Ако тогашната битка беше за слобода и човечки правдини, денешните битки се за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија. Нашиот просперитет можеме најдобро да го реализираме интегрирани со нашите европски сојузници како полноправна и рамноправна членка на Европската унија“, вели Филипче во своето обраќање.
За жал, констатира Филипче, актуелната власт е првата македонска влада што свесно се откажува од европската иднина на земјата што е определба на многу генерации. Според него, членството во Европската унија е стратешка цел и никој не смее да им го одземе ова право на граѓаните.
„Наместо храбро да се бори за остварување на нашиот сон таа го турка народот во самосожалување и откажување од остварување на нашите цели. Токму затоа на овој светол ден клучното прашање кое треба да го поставиме е дали ќе ја извојувавме слободата доколку бевме малодушни и западневме во самосожалување тој октомври 1941 година наместо храбро да се соочевме со предизвикот на борбата? Одговорот на ова прашање веќе го даде историјата“, истакна Филипче.
Филипче упати порака дека СДСМ останува со граѓаните и на вистинската страна на историјата уверен дека само така победата е сигурна.
„Бевме на победничката страна и во 1941-та година и во 1991-та година, ќе бидеме и сега. СДСМ секогаш ќе биде тука заедно со своите граѓани и кога е во владата и кога е во опозиција. Бидејќи борбата за Македонија е борба на сите граѓани, а не само на една политичка гарнитура. Нека не води победничкиот дух на 11 Октомври во сите битки и одлуки кои се пред нас!“, потенцира Филипче.