Поради софтверски проблем и сончева радијација приземјени авионите на „Ербас“
Производителот „Airbus“ соопшти дека околу 6.000 авиони од серијата A320 биле засегнати од проблемот
Илјадници „Airbus“ авиони ширум светот постепено се враќаат во нормална употреба откако со часови беа приземјени поради предупредување дека силна сончева радијација може да влијае врз компјутерите за управување со летот, објави Би-би-си.
Производителот „Airbus“ соопшти дека околу 6.000 авиони од серијата A320 биле засегнати од проблемот, при што најголемиот број можеле да се решат со брза софтверска надградба. За околу 900 постари авиони, пак, потребна е замена на компјутерски модул.

Извршниот директор на „Airbus“, Гијом Фори, се извини за „логистичките предизвици и доцнења“ од петокот наваму, нагласувајќи дека тимовите работат деноноќно за надградбите да бидат завршени што е можно побрзо.
Утрово во Париз се забележани одложувања и откажувања на неколку летови на „Air France“, додека „American Airlines“ соопшти дека 340 од нивните авиони биле засегнати, но очекуваат само „ограничени доцнења“.
Во Обединетото Кралство, најголемите аеродроми пријавија минимални нарушувања. Лондонскиот Гетвик извести за неколку одложени летови, додека Хитроу нема пријавено откажани летови.

„EasyJet“ соопшти дека за голем дел од надградбата е завршена и дека работат нормално, исто како и „Wizz Air“.
Проблемот беше откриен по инцидент во октомври, кога авион на „JetBlue“ кој летал до Мексико нагло изгубил висина и принудно слетал, при што биле повредени најмалку 15 патници.
„Airbus“ утврди дека силна соларна радијација на големи височини може да го наруши софтверот кој ја пресметува висината на летот.
Покрај A320, од проблемот биле засегнати и моделите A318, A319 и A321. Околу 5.100 авиони можат да продолжат со работа по софтверскиот апдејт, додека приближно 900 постари авиони ќе треба да останат приземјени сè додека не се заменат потребните компјутерски модули.
Јапонската ANA откажа 65 летови поради глобалниот проблем со софтверот на Ербас
Најголемата јапонска авиокомпанија All Nippon Airways (ANA) денеска соопшти дека е принудена да откаже 65 домашни летови поради проблем со софтверот кој ги погоди илјадници авиони на Ербас ширум светот. Според информациите, кај 34 авиони на ANA е неопходна итна софтверска поправка, што предизвика сериозни нарушувања во сообраќајот и влијаеше врз околу 9.400 патници.

Откажувањата најмногу го погодија токискиот аеродром Ханеда, но последици има и на летовите кон Тотори, Сага и повеќе други префектури. Компанијата извести дека работи на тоа да им обезбеди алтернативни решенија на патниците и да го нормализира распоредот на летови во најкус можен рок.
Втората најголема јапонска авиокомпанија, Japan Airlines, соопшти дека нејзината флота не е засегната од софтверскиот проблем и дека сообраќајот се одвива редовно.
Проблемот со Ербас предизвика глобални последици, а повеќе авиокомпании најавуваат можни кашнења и откажувања сè додека трае ажурирањето на софтверот.