Поради невреме повеќе илјади домаќинства во Шведска и во Финска без струја


Повеќе илјади домаќинства на северот на Шведска и југот на Финска останаа денеска без електрична енергија поради голем снег, а метеоролозите предупредуваат на многу ниски температури во следните денови во регионот на Балтикот.

Финската медиумска куќа ЈЛЕ наведува дека на југозападот на Финска речиси 4.000 домаќинства останале без електрична енергија и дека властите предупредуваат дека тој број не е конечен.

Снег го прекри југот на Финска и службите предупредија на лоши услови за возење на речиси сите патишта на југот и на западот од земјата.

Според метеоролозите, снегот послабо ќе паѓа и денеска, но потоа во следните денови ќе следуваат многу ниски температури до минус 25 степени Целзиусови на југ и до минус 40 степени Целзиусови на Арктикот.

Шведската електродистрибуција ЕОН соопшти дека близу 3.000 куќи се без струја и дека прекинот може да потрае и подолго од очекуваното затоа што премногу е ризично да се праќаат работници поради многу ниските температури.

Шведската метеоролошка служба истакнува дека снегот во изминатите 24 часа непрестано паѓа на северот на земјата, но дека полека губи на интензитет. Висината на снежната покривка е до 60 см.