Поради навалица, пребукирани термините во Германската амбасада
По објавите дека на Германија и се потребни работници, македонските граѓани навалија на германската амбасада во Скопје по визи.
Големата навалица го пребукира системот, па како што објави Амбасадата, до февруари нема да има отворен термин за регистрација за таканаречената регулатива за Западен Балкан.
-Поради технички проблеми при последната регистрација на термини на 5 октомври 2021 година, се регистрираа повеќе лица отколку што тоа го дозволува списокот на чекање на термин. Амбасадата одлучи да не ги избрише „пребукираните термини“, туку на сите регистрирани лица да им додели термин до најверојатно крајот на февруари 2022 година по хронолошки редослед. Од таа причина, во месеците ноември, декември и јануари нема да има отворен список за регистрација на термин, објави на својата веб страница германската амбасада во Скопје.
Во објавата има и молба до граѓаните да се воздржат од прашања во врска со таа тема. Исто така, има и најава за можно поедноставување на регистрацијата.
-Исто така однапред би сакале да Ве информираме, дека Амбасадата најверојатно на почетокот на наредната година ќе воведе промена во врска со регистрацијата и доделувањето на термините. На тој начин регистрацијата ќе се поедностави. За конкретните детали ќе бидете благовремено информирани, се наведува во соопштението.
По минатата година што ја поминаа дома поради затворените граници, македонските граѓани годинава масовно заминуваат на работа во странство, што создава дефицит на кадри во државата. Западните земји, пак, се „гладни“ за работна сила, но бараат квалификувана. Конкретно во Германија се бараат вкупно 1,2 милиона работници, од кои две третини квалификувани. Кон крајот на август шефот на Федералната агенција за Детлеф Шеле изјави дека на Германија и требаат 400.000 квалификувани мигранти секоја година за да го надополни недостатокот на работна сила.
Според најновите објавени информации има недостиг на дури 80.000 возачи. Недостатокот на таков кадар создаде проблеми во економијата на Велика Британија, но таа не е атрактивна за нашите граѓани зашто се бара шенген виза.