Попладне протестен митинг на Србите во Косово


Ноќта на Косово помина мирно по вчерашните тензии откако претставниците на Србите се повлекоа од сите косовски институции.Денеска на пладне ќе се одржи митинг на Србите во северниот дел на Косовска Митровица, а за вечерва во 21:00 часот најавено е и обраќање на нацијата на српскиот претседател Александар Вучуќ. Во близина на споменикот е поставена бина од која ќе се обратат говорниците, цела Косовска Митровица е украсена со српски знамиња, а на една зграда по целата нејзина должина е развлечена српската тробојка.

„Браќа и сестри, да се собереме сите на генерален собир во Косовска Митровица во 12 часот пред споменикот на Цар Лазар, од каде во еден глас ќе им кажеме на Европа и на светот дека нашата единствена земја е Србија и претседателот Александар Вучиќ! Да покажеме колку ја сакаме Србија. Знамињата да ги извадиме на прозорците“, објави Српска листа на Фејсбук во саботата. Знамиња, меѓу кои и оние со натпис „Ова е Србија“, беа поставени и во други градови на северот на Косово.

Претставниците на Српска листа ги поканија сите граѓани, Срби, Бошњаци, Горанци и сите останати кои Република Србија ја доживуваат како своја татковина, да дојдат и да бидат дел од тој голем сенароден, мирен и демократски протест.

Реакции за ситуацијата на Косово пристигнуваа  доцна синоќа. Високиот претставник на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Жосеп Борел, соопшти дека разговарал и со Вучиќ и со премиерот на Косово, Албин Курти. Тој на твитер објави дека ги повикал двете страни да се воздржат од какви било унилатерални дејствија што би можеле да доведат до дополнителни тензии. Борел предупреди дека ваквите настани ја ставаат во опасност напорната работа во дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Ситуацијата ја следи и КФОР, кој повика на конструктивен дијалог со цел да се зачува безбедноста на сите државјани на Косово.

Косовските Срби вчера ги напуштија институциите во знак на револт на стапувањето во сила на одлуката за пререгистрација на сите српски возила и воведувањето на косовски регистарски таблички. Група српски полицајци симболично ги соблекоа униформите.