Помалото ДДВ за горивата е само лепење фластер на рана, а не терапија: Интервју со Фатмир Битиќи
Карактерот на оваа енергетска и економска криза не се изразува само преку ценовниот шок со кој се соочуваат граѓаните на бензинските пумпи. Станува збор за геополитички шок врз снабдувањето со енергенси, со реален ризик од бран поскапувања преку транспортот, храната, логистиката и услугите, вели пратеникот од редовите на СДСМ и ексвицепремиер, Фатмир Битиќи
Енергетската криза што еруптираше по воената интервенција на САД и Израел врз Иран, удри врз светската економија, а последиците се чувствуваат и кај нас. За само неколку недели цените на дериватите значајно се зголемија (кај дизелот поскапувањето е над 43 проценти во однос на состојбата од 5 јануари годинава). Инфлацијата чука на врата, забавувањето на економскиот раст исто така. И онака нискиот животен стандард, кој е на ниво од 39-40 отсто од европскиот просек, е дополнително загрозен. Владата конечно се „разбуди“ и донесе одлука за намалување на ДДВ за дериватите од 18 на 10 отсто, но дали е тоа доволно? Опозициската СДСМ предложи многу поширок опсег на мерки, за што има подготвено и предлог законски измени. За сите овие прашања, но и за капацитетот на државата и на Буџетот за справување со кризата, за потребата да им се помогне на најранливите категории граѓани и на земјоделците во пресрет на пролетните активности, разговаравме со пратеникот во Собранието од редовите на СДСМ, Фатмир Битиќи, кој во претходната Влада ја извршуваше функцијата вицепремиер задолжен за економските сектори. Таквото искуство, но и претходното, како меѓународен експерт од областа на менаџирањето со економски процеси и реформи со преку 20 години работно искуство, го прави Битиќи извонредно компетентен соговорник за најчувствителните економски прашања.
Господине Битиќи, дали само со намалување на ДДВ може да се реши енергетскиот проблем, колку оваа мерка ќе придонесе да се смират цените на дериватите и да не се пренесе ефектот и врз другите цени, односно врз инфлацијата?
Не, само со намалување на ДДВ не се решава енергетски проблем. Тоа е само лепење на фластер на раната, а не терапија на процесите кои водат до проблемот. Владата сама кажа дека без интервенција бензините би пораснале за 6,5 денари по литар, а дизелот за 10,5 денари, додека со намалувањето на ДДВ од 18% на 10% очекувањето е бензините да останат речиси непроменети, а дизелот да порасне за околу 3,5 денари. Тоа значи дека мерката само делумно го амортизира првиот удар, но не ја решава суштината на проблемот – цените растат.
Карактерот на оваа енергетска и економска криза на која сме на силен удар, не се изразува само преку ценовниот шок со кој се соочуваат граѓаните на бензинските пумпи. Станува збор за геополитички шок врз снабдувањето со енергенси, со реален ризик од бран поскапувања преку транспортот, храната, логистиката и услугите. Токму затоа Европската Централна Банка веќе предупредува на опасност енергетскиот шок да произведе „втор круг“ инфлациски ефекти ако не се реагира навремено и паметно. Значи, кога една влада мисли дека со една даночна корекција го решила проблемот, таа или не ја разбира кризата или се обидува да ја смири јавноста со половична мерка.
Во македонски услови, ова е уште почувствително затоа што граѓаните и пред новиот енергетски удар веќе живееја под ценовен притисок. Инфлаторниот притисок не започна денес, со ескалацијата на Блискиот Исток, денес се долева „бензин на огнот“.
Премиерот Мицкоски вели интервенцијата кај акцизите бара законски измени, што во основа е точно. Дали постапката за менување на законот е толку комплицирана, колку време е потребно да се направи тоа, доколку има воља кај сите политички чинители?
Точно е дека за акцизите треба законска измена, но не е точно дека тоа е некаков непремостлив институционален лавиринт. Власта има комотно парламентарно мнозинство, а Деловникот и законодавната постапка дозволуваат предлог-закон да се дистрибуира брзо и кога има политичка волја, да оди и по скратена постапка. Уште повеќе, не гледам ниту една разумна причина зошто опозицијата би се спротивставила на решение што директно им помага на граѓаните. Значи, проблемот не е во комплицираната процедурата, туку во скриената калкулација која се обидуваат да ја сокријат од јавноста.
Уште пред заострувањето на енергетскиот и економски удар, Владата веќе беше во преговори за ново задолжување од 300 милиони евра за финансирање на буџетскиот дефицит и доспеаните, а не платени обврски. Ова задолжување не беше планирано кога се носеше Буџетот за 2026 година, односно динамиката на буџетот потфрли и не ги задоволи финансиските очекувања. Се надеваа на многу, а добија малку. Во исто време, Министерството за финансии уште при носењето на Буџетот за 2026 соопшти дека годинава треба навремено да се сервисираат вкупно 74,8 милијарди денари обврски, а во јуни доспева и еврообврзницата од 700 милиони евра. Тоа значи дека уште на стартот на годината фискалниот притисок бил сериозен, независно од подоцнежниот енергетски потрес на економијата.
Кога ќе ги погледнете месечните бројки, сликата се кристализира. Вкупните буџетски приходи во јануари 2026 изнесуваа 22,4 милијарди денари, што е пад од 12,3 милијарди денари за еден месец, ако се спореди со 34,7 милијарди денари приходи во декември 2025. Истовремено, вкупните расходи во јануари изнесуваа 32,2 милијарди денари, што значи месечен дефицит од околу 9,8 милијарди денари. Кај даночните приходи, јануари е околу 12 милијарди денари, наспроти околу 19 милијарди денари во декември.
Затоа мојот став е дека не станува збор за тоа дали Владата може да го смени законот за акцизи, туку дали сака. Во услови кога буџетот е под притисок, секое поскапување на нафтените деривати за државата станува и фискална утеха. Колку е повисока цената, толку е поголем просторот за дополнителен буџетски прилив, особено преку ДДВ-то, а ако не се интервенира и кај акцизата, товарот уште повеќе останува врз грбот на граѓаните. Владата свесно остава дел од ценовниот удар да се прелее во буџетот како дополнителен приход, затоа што на тој начин добива фискален комодитет.

Некои земји, како Хрватска на пример, донесоа пакет мерки со кои меѓу другото има помош и за земјоделците во пресрет на пролетните активности. Што може да се направи кај нас со оглед дека земјоделството кај нас е еден од клучните сектори?
Токму земјоделството е секторот каде државата мора да делува пред ценовниот удар целосно да се прелее врз храната. Хрватска, на пример, излезе со пакет од 450 милиони евра, ги задржа цените на струјата и гасот, ја продолжи регулацијата на горивата, а за земјоделците обезбеди посебна помош, вклучително и директна поддршка за пролетна сеидба и активности на терен. Хрватска покажа како спроведува модел на превенција, а не на задоцнета реакција. Но, нејзиното искуство, за жал, е далечно за нас.
Сметам дека кај нас може да се направат неколку работи кои ќе значат поддршка на производството на храна. Прво, авансна и брза поддршка за пролетната сеидба и сточарството, пред трошокот да се претвори во нова цена за потрошувачите. Второ,кредитна линија за сезонска ликвидност со ниска камата и грејс-период. Трето, таргетирана поддршка за наводнување и репроматеријали. Сметам дека ова се три брзи мерки кои може да испорачаат и брз резултат кај земјоделците, а со тоа и амортизација на ценовниот бран кај храната. Нафтата во земјоделието е базичен ресурс, не само од аспект на енергенс, туку и од аспект на други репроматеријали кои се користат, затоа Владата таргетирано мора да ги поддржи во делот на трошоците за да се спречи дополнителен притисок за раст на цените..
СДСМ покрај намалувањето на ДДВ за нафтените деривати предложи и други мерки. Колкав би бил нивниот обем во финансиска смисла и дали Буџетот има таков капацитет да ги издржи таквите поволности?
СДСМ предложи пакет што вклучува намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на патарините. Тоа е поширок и посериозен одговор од владината мерка, затоа што го гледа кризниот удар како синџир, а не како изолиран проблем на бензинските пумпи.
Во финансиска смисла, точната цена зависи од тоа колку долго би траеле мерките и колку производи би влегле во режимот на олеснување. Но ако се земат официјалните цени на горивата и владината проценка за просечна дневна потрошувачка од 1,6 милиони литри, дополнителното намалување од 10% на 5% ДДВ заедно со намалување на акцизата за 4 денари по литар би чинело приближно 6,4 милиони евра за 30 дена. Тоа е вредносен ориентир само за горивата, а не за цел пакет на мерки.
Дали Буџетот има капацитет? Да, за привремен и јасно таргетиран пакет има капацитет, но не за неодредено долго и нетаргетирано трошење. Буџетот за 2026 е поставен со приходи од 374,9 милијарди денари, расходи од 414,2 милијарди денари и планиран дефицит од 39,2 милијарди денари. Тоа значи дека просторот постои, но бара политичка дисциплина, приоритети и прецизност.
Затоа мојот одговор е дека државата може да интервенира поодлучно. Но мора да знае што точно штити. Ако штити сè, без ред и без цел, ќе го ослаби буџетот. Ако ги штити горивата, храната, транспортот и ранливите категории во критичен период, тогаш може да зборуваме за одговорна економска политика која води сметка за јавниот интерес и квалитетот на животот.

Имајќи го во предвид искуството од претходните кризи и мерките преземени тогаш, дали можеби е поцелисходно да се размисли за таргетирани мерки кои би биле насочени кон најранливите категории граѓани и кон секторите во стопанството на кои таквата помош им е најпотребна: Дали државата има капацитет за такво нешто?
Не само што е поцелисходно, туку тоа е единствениот сериозен пристап. Искуството од претходните кризи го покажува токму тоа. Деветтиот антикризен пакет од 2023 година беше 662 милиони евра, плус 516 милиони евра системски мерки, и не беше замислен како една медиумска мерка, туку како фокусиран штит за пензионери, ученици, студенти, социјално ранливи, земјоделци, домаќинства и компании. Во тие мерки имаше и поддршка за 40.000 земјоделци, субвенционирана струја за над 600.000 домаќинства,поддршка за мали потрошувачи и ликвидноста за фирмите. Тоа значи дека државата има капацитет кога има концепт и политичка одлучност.
Разликата е што денешната криза бара уште попрецизна насоченост на мерките. Ова не е ковид-криза, кога требаше да се зачува економијата додека беше затворена. Ова е криза на понудата, енергијата и инфлаторниот пренос. Тука најпаметно е да се штитат најранливите домаќинства, транспортот, земјоделството, енергетски интензивните мали и средни компании и секторите што директно влијаат врз цената на храната и основните услуги. Тоа е социјално праведно, но и економски рационално.
Значи, одговорот е дека има капацитет, но прашањето е дали постои политичка зрелост да се примени модел на паметна, праведна и таргетирана интервенција, наместо маркетиншка економија што е преокупирана со оставање на впечатоци.
Со оглед дека на мерките се чекаше три недели, дали е откочена инфлаторната спирала? Што тоа ќе значи за економијата во целина и за стандардот за граѓаните?
Инфлаторната спирала не започна со оваа енергетска ескалација, таа веќе беше движечка реалност во секојдневието на луѓето. Во февруари 2026 трошоците на живот пораснаа за 2,9% на годишно ниво, а во јануари годишната инфлација беше 3,2%. Синдикалната минимална кошница во февруари достигна 67.382 денари, а во март 67.818 денари. Само за три месеци, од јануари до март, кошницата порасна за 2.326 денари. Во исто време, минималната плата ќе се зголеми само за 1.667 денари, на 26.046 денари. Трошоците растат многу побрзо од приходите на граѓаните.
Кога чекате три недели во вакви услови, вие не стоите во место, вие се движите наназад, дозволувате кризата да се прелее. Повисоката цена на горивото прво удира на транспорт, потоа на производство, потоа на храната, а на крај на секоја сметка која граѓаните ја плаќаат. Моменталната позиција на Владата дозволува непречено функционирање на механизам преку кој привремениот шок преминува врз траен ударврз цените. И затоа велам дека задоцнета мерка не е неутрална мерка, таа има цена која денес ја плаќа граѓанинот, а утре ќе ја плати и економијата преку послаба потрошувачка, понесигурен бизнис и еродирана доверба.
Сето ова можеше да има многу поблаги последиците доколку државата навреме го искористеше системскиот инструмент за отпор на домашната инфлација – Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи. Тој беше донесен во март 2024 година, со цел да спречи прелевање на нефер рабати, притисоци и злоупотреба на пазарната моќ врз крајната цена што ја плаќа граѓанинот. Законот опфаќа 2.538 прехранбени производи и 28 нефер практики, но и самиот министер за економија сега признава дека примената не е целосна, дека се водат над 30 предмети, дека се изречени околу 150.000 евра казни и дека Владата веќе подготвува измени за десеткратно зголемување на санкциите, што е најдобар доказ дека системот не бил навреме и целосно ставен во функција. Значи, покрај надворешниот енергетски шок, ние имаме и внатрешен проблем, државата не го употреби доволно силно ни оној законски механизам што веќе го имаше за да го спречи домашното разгорување на цените.