Полска нема дилема дека Македонија заслужува да почне преговори со ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи имаше средба со полскиот колега Збигњев Рау во Варшава. Посетата се случува во пресрет на јунскиот самит, во контекст на засилениот ангажман за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, како стратешка цел на земјата и императив за целиот регион.
Османи ја истакна благодарноста на нашите граѓани за поддршката и помошта што Полска ни ја дава во процес на проширувањето на ЕУ. Беше истакнато дека остануваме посветени на доследна имплементација на реформската агенда, како и на активностите за унапредување на добрососедските односи, со посебен фокус врз Бугарија, преку имплементација на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на постоечките разлики.
„Продолжуваме да работиме со уште позасилено темпо на реформската агенда, ставајќи посебен акцент на реализацијата на акцискиот план за мулти-секторска соработка и надминување на постоечките разлики со нашите пријатели од Бугарија. Во овој контекст, искажувам благодарност традиционален повеќедецениски пристап и поддршка од Република Полска, како и на целата В4 група, која во континуитет даваше безусловна поткрепа на нашиот евроинтегративен пат. Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно“, истакна Османи.
Министерот Рау ја реафирмираше цврстата поддршка на неговата земја за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и изјави дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни.