Полска ќе го вика Калининград со историското име, Русија гневна

Власитите во Варшава одлучија на картите од сега да стои Кролевјец. Градот до 1946 беше познат како Кенигсберг, а тогаш е премиенуван по Михаил Калинин


 

ВАРШАВА – Полска повторно го користи своето историско име за Калининград, рускиот град и административен регион што се наоѓа на нејзината граница.

Отсега на полските карти ќе биде означен како Кролевјец, по препорака на владината комисија за географски имиња во странство.

Кремљ реагираше луто: портпаролот Дмитриј Песков го нарече „процес што се граничи со лудило“, кој оди подалеку од русофобијата.

Градот, порано познат како Кенигсберг, беше отстапен од Германија на Советскиот Сојуз по Втората светска војна. Во 1946 година беше преименуван во Калининград, по Михаил Калинин, еден од водачите на Болшевичката револуција.

Полските власти истакнуваат дека Калинин бил еден од шесте советски функционери кои наредиле егзекуција на повеќе од 21.000 полски воени затвореници во Катин и на други места во 1940 година.

Тие рекоа дека сегашното име е вештачко, нема никаква врска со градот или регионот, а вековното име на Кролевјец е дел од културното наследство на Полска.

Во Русија се зборуваше за промена на името на градот, но во моментов нема такви планови.

Војната во соседна Украина ги додаде долготрајните тензии меѓу Русија и Полска, сојузник на Киев, кој ја снабдува украинската војска со оружје и притиска за поголема меѓународна поддршка за Украина.

Во последно време Полска беше цел на запаливи изјави на руски политичари и некои јавни личности.

Амбасадорот на Русија во Полска, Сергеј Андреев, во средата беше повикан во Министерството за надворешни работи на Полска поради инцидентот минатата недела во регионот на Црното Море во кој руски борбен авион изврши опасни маневри во близина на полски авион кој патролирал за европската граница и крајбрежната стража, Фронтекс.

На 9 мај, прославен како Ден на победата во Русија, Андреев беше спречен од украински и полски активисти да положи венец на споменикот во Варшава на советските војници загинати во борбата против нацистите. (АП)