„Политико“: Вашингтон го разгледува Галибаф како можен партнер за „венецуелско сценарио“ во Иран
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во тајност ја разгледува можноста за соработка со претседателот на иранскиот парламент, Мохамад Багер Галибаф, гледајќи во него потенцијален партнер за преговори во идната фаза од конфликтот, пишува „Политико“.
Галибаф (64), кој претходно беше познат по своите закани кон САД, во Белата куќа сега се доживува како „прифатлив партнер“.
Според високи претставници на администрацијата, како што наведува „Политико“, Трамп сигнализира премин од воен притисок кон дипломатијата барајќи излез од „иранскиот костец“, кој ги дестабилизира светските пазари на нафта. Планот на Трамп наводно е да примени модел сличен на оној во Венецуела – инсталирање лидер што би соработувал со САД во замена за опстанок на власт и поволни договори за нафта. Примарниот интерес на Вашингтон е да се избегне целосно уништување на нафтената инфраструктура вклучувајќи го и клучниот терминал на островот Харк.
Сепак, експертите и сојузниците на САД ваквата стратегија ја оценуваат како наивна. Извори од Заливот посочуваат дека Иран не е земја што лесно би се предала и би ги предала своите природни ресурси. Иако Галибаф важи за прагматичен инсајдер во системот, тој останува длабоко лојален на иранскиот поредок, што ги прави малку веројатни значителните отстапки кон Вашингтон. Истовремено, Белата куќа целосно ја отфрли поддршката за прогонетиот опозиционер Реза Пахлави сметајќи дека тој нема легитимитет во земјата и дека неговото инсталирање би донело хаос.
Додека Галибаф јавно ги демантира преговорите со САД, Вашингтон овие изјави ги толкува како внатрешно политичко позиционирање. „Во фаза на тестирање сме. Сакаме да видиме кој може и сака да исплива на површина. Ако се покажат како радикали, ќе бидат елиминирани“, изјави извор од американската администрација додавајќи дека Трамп, и покрај воената реторика, сепак претпочита мир наместо војна.