Политичката криза во Шпанија ја компликува ратификацијата на Протоколот

Во еден неочекуван развој на настаните, ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО до декемврискиот самит на Алијансата може да заглави во Шпанија поради политичката криза во земјата. По изборите во април, премиерот Педро Санчез не успеа во четвртокот да биде избран за претседател на владата во вториот обид и сега целата процедура се одложува до септември. Според уставните правила, во шпанскиот парламент прво се одлучува за избор на премиер, а потоа за целата влада. Социјалистичката партија на Санчез победи на изборите во април, но нема мнозинство.
Гласањето за избор на премиер оди во неколку фази – прво, Санчез требаше да добие апсолутно мнозинство и тој обид не успеа. Во второто гласање му беше потребно само просто мнозинство – за него да гласаат повеќе пратеници отколку што се против, но поради комплицираните коалициски преговори со партијата на крајната левица, Подемос, и тој обид не успеа. Сега му останува уште еден обид на Педро Санчез во септември. Дотогаш Санчез и лидерот на Подемос, Пабло Иглесијас, ќе се обидат да ги најдат основите за коалицискиот договор. Доколку и тоа не успее, ќе бидат распишани нови предвремени избори во ноември. Тоа би биле четврти избори за последниве четири години.
Оваа политичка криза ја става во прашање ратификацијата на Протоколот затоа што парламентот не ќе може да одлучува. Ако биде формирана владата во септември, постојат шанси процедурата да заврши до декември, а ако има нови избори во ноември, целата временска агенда станува неизвесна. Според анкетите, Социјалистичката партија ќе ја зголеми поддршката на новите избори и ќе освои повеќе пратеници од сегашните 124 во 350-члениот парламент, но веројатно и тогаш ќе ѝ биде потребен коалициски партнер.
Досега 21 земја го ратификуваше Протоколот за Македонија, а во четвртокот тој помина и во Комитетот за надворешни работи на американскиот Сенат. Останува уште гласањето на целиот Сенат. (Н.Р.)