Политичка битка за гасот: ВМРО-ДПМНЕ се претставува како трговски промотор на фирмата „контакт“

Реактуелизирање на понудата за „контактите“ доаѓа во време кога цената на гасот во Европа постојано паѓа последниве неколку недели, на 23 декември на берзата во Холандија се продаваше за 900 долари за 1.000 кубни метри


 

Во моментот кога цената на гасот во Европа падна на 900 долари за 1.000 кубни метри во Скопје повторно се разви политичката битка зошто македонската влада не ги искористила „контактите“ на ВМРО-ДПМНЕ за снабдување со гас.

Како да е промотор на компанијата ПГО во петокот вечерта за време на дебатата на „Само вистина“ на Канал 5 потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кажуваше дека државава направила голема грешка што не ја прифатила понудата од 850 евра за 1.000 кубни метри. И дека таа грешка чини стотина милиони евра, бидејќи се плаќало гас и до 1.950 евра, а просечната цена по која е набавуван од почетокот на грејната сезона е 1.560 евра.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи одговараше дека таа компанија никогаш не доставила комплетна документација, не ги приложила потребните референци задолжителни за сите понудувачи, ниту банкарска гаранција.

Препукувањето продолжи и денес, а на ист начин како промотор на компанијата ГПО се појави со прес-конференција и другиот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа објаснуваше дека „договорот кој е понуден од фирмата трговец со енергенси е класичен ЕФЕТ договор, договор кој го користат сите фирми кои тргуваат со енергенси во ЕУ, и тој е заштита и за државата бидејќи претставува европска пракса“. И дека „СДС и Ковачевски само заради политичка суета не ја прифатија помошта и можноста, која ВМРО-ДПМНЕ не ја понуди заради нив, туку заради народот и компаниите кои се мачат да преживеат“.

Од ЕСМ денеска реагираа наведената фирма била директно контактирана, дека била повикувана на неколку огласи за набавка на природен гас, па сепак до поднесување на комплетна понуда не дојде, „а дополнително бевме известени и дека за еден одреден период фирмата воопшто не е во можност да испорача гас“.

Необјасниво е зошто една партија, па дури и да е ВМРО-ДПМНЕ се појавува како трговски промотор на компанија ПГО, која досега ниту еднаш не се огласи јавно да каже што може да понуди за снабдување со гас и мазут. И остави нејзините интереси да ги брани политичка партија. Што е крајно неневообичаено и кај многумина може да отвори сомнежи.

Во октомври во Белград имаше состанок со фирмата „котакт“, на кој од македонска страна беа министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, како и советникот за енергетика во Владата, Васко Андонов. На другата страна, како што тогаш објави „Независен“, биле претставници на компанијата ПГО регистрирана во Швајцарија во кантонот Цирих со дејност трговија со нафта и нафтени деривати.

Од страна на ПГО на состанокот присуствувале двајца претставници, едниот државјанин на Србија, а другиот на Босна и Херцеговина. На тој состанок, според извори од Владата, било презентирано кои се условите согласно нашиот закон, банкарски гаранции, количества, место на испорака, како и дека која било фирма треба да достави понуда до ЕСМ како компанија задолжена за купување енергенти.

Чудно е и повторното реактивирање на „контактите“, кои потоа Христијан Мицкоски ги нарече „позиции“, а синоќа Александар Николоски повторно ги оквалификува како „контакти“.

Ова реактуелизирање на понудата за „контактите“ доаѓа во време кога цената на гасот во Европа постојано паѓа последниве неколку недели, на 23 декември на берзата во Холандија се продаваше за 900 долари за 1.000 кубни метри, а од 1 јануари треба да почнат да стигнуваат дополнителни количества гас во Македонија надвор од закупениот капацитет што досега го има „Гаспром“. (Н.В.)