Полициска операција насочена кон организиран криминал и корупција во здравствениот систем


Фото: Б. Грданоски

Обемна полициска операција спроведува Бирото за јавна безбедност при МВР на територија на повеќе градови низ Македонија насочена кон сузбивање на организиран криминал и корупција во здравствениот систем. Како што јавуваат повеќе медиуми неофицијално, се работи за долгогодишно незаконско со прикажување на лажни дијагнози со кои се овозможувале аплицирања, за добивање и користење финансиска помош за туѓа нега на лице и за незаконско стекнување и користење на инвалидски пензии.

Наводно се работи за мрежа составена од преку 50 лица: доктори, член на комисија во ПИОМ, адвокат, вешто лице, управител на консултантско биро.

Претреси се прават и во здравствени ординации, адвокатска канцеларија, службени канцеларии каде работат докторите – на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, Клиничката болница Тетово и ЈЗУ Општа болница Велес.

Против 49 лица се поднесени кривични пријави за основано сомнение за сторени кривични дела: злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба и овластување, помагање, примање поткуп, давање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање награда, брифираат од МВР.

Во рамки на акцијата, се спроведуваат претреси на вкупно 21 локација, од кои 15 се на домашни адреси на осомничени службени лица.

Во акцијата се предвидува лишување од слобода на вкупно 24 лица, а останатите 25 ќе бидат спроведени до станица или директно пред јавен обвинител.