Скопје удавено во ѓубре: Покрај какви контејнери ќе поминеме в недела за гласањето?

Жителите на Скопје како полека да се навикнуваат да живеат во една огромна депонија. Дали ѓубрето веќе не ни пречи


Контејнери во Кисела Вода 15.10.2025

 

Комуналниот отпад подолго време не се собира редовно, но последниот месец нема контејнер во Скопје што наутро не ве дочекува со грда слика. Преполн, прелеан, со отворени капаци, смрдлив и растечен…

Јавна тајна е дека се работи за диверзија, но нејасно е кој кому подметнува. И едни и другите тврдат дека ѓубрето намерно се трупа во и околу контејнерите наменети за комунален отпад, за оној победникот, следниот ден да излезе со фотографии пред (мене) и со (мене). Тоа што околу нив се оставаат парчиња мебел, санитарии, прозорци и друг кабаст отпад, е веќе нормална слика за главниот град, иако сите знаеме дека тоа е забрането.

Големите ноќни акции на неколку градоначалници во Скопје, чија работа не е да го собираат овој отпад, не вродија со плод. Односно, џабе најдоа општествено одговорни компании кои на располагање им ги ставија своите возила за да го одвезат ѓубрето, џабе ги спрегнаа своите чистачи до доцна во ноќта, а и тие засукаа ракави, до другиот ден веќе сликата беше иста.

Изговорите на ЈП „Комунална хигиена“ дека тие не се задолжени за собирање на отпадот околу контејнерите, туку само за оној внатре, дополнително придонесува за општиот хаос со отпадот.

Контејнери во Кисела Вода 15.10.2025

Во екот на предизборната кампања сите кандидати за градоначалници на Скопје ветуваат чистење на главниот град, некои во 72 часа, некои малку подолго, но никој не кажа како ќе изгледаат улиците на денот на изборите.

Ако се знае дека повеќето гласачки места се сместени во училиштата, а контејнерите околу нив се преполни, но за учениците тоа е веќе задолжителна слика и никој досега не се потруди да ја смени, ќе исчистат ли за гласачите?

Веројатно онаму кадешто ќе гласаат премиерот, министрите, кандидатите за градоначалници од подобната партија, сѐ ќе биде блескаво, додека ние другите ќе треба да си ја завртиме главата настрана за да не гледаме, но мирисот секако ќе нѐ следи.

Кај нас има луѓе кои денот на гласањето го доживуваат како празник. Тоа е останато од времето на почетокот на плурализмот и воведувањето на демократијата, кога граѓаните се почувствуваа важни, дека нивниот глас се слуша и можат нешто да променат, па се дотеруваат во најубавата облека, дедовците дури ставаат марамче или цвет во реверот, а задолжително ги редат и значките, па со крената глава се појавуваат на гласачкото место.

Тие, а и сите ние други да се надеваме дека нема да мора да поминеме покрај преполни и прелеани контејнери во недела. (Б.Б.)