Погледнете ја „гробницата“ на напуштени електрични возила во Кина: Начин за земање субвенции

Наводно кинеските произведувачи регистрираат маса автомобили како да ги продале па на основа на големите бројки добиваат субвенции од владата.


Кина стана глобална велесила во производството и продажбата на електрични возила. Но, можеби постои мрачна страна на нивниот голем подем. Неодамнешното видео открива што прават кинеските произведувачи на електрични автомобили за да добијат владини субвенции, да соберат капитал и да се искачат на листата за продажба.

Снимките со дрон прикажуваат огромно поле исполнето со илјадници напуштени, кинески електрични автомобили. Изгледа дека некои од овие електрични возила се од марките „Geely Kandi K10 EV“, „Neta V“ и „BYD e3“. Овие автомобили се видени паркирани во еден од окрузите на Хангжу, главен град на провинцијата Жејианг во источна Кина.

Глетката е страшна бидејќи белата боја е покриена со слоеви од прашина, а гумите се делумно прекриени со трева. Внатре изгледаат сосема ново со оглед на тоа дека пластичните облоги и седиштата изгледаат недопрено.

Исто така, сите имаат регистарски таблички. Јутјуберот Винстон Стерзел, кој ја споделил снимката од дрон, тврди дека кинеските произведувачи на електрични возила ги регистрираат автомобилите и тврдат дека ги продале за да покажат одлични бројки и така да добијат субвенции од владата.

„South China Morning Post“ и „The Atlantic“ известиле за слични случаи уште во 2018-та година во Шангај, најголемиот град во земјата и глобален финансиски центар.

Во видеото се наведува дека кинеските компании често произведуваат лесно, без истражување на пазарот и без тежнеење кон одржливост. Притоа треба да се знае дека некои од снимките од дрон во видеото се постари од две години, па не е сосема јасно каква е моменталната состојба на оваа гробница за електрични возила и дали некогаш се преземени мерки против произведувачите.