Поднесено обвинение против три лица за кражба на кабли од кругот на „Железара“


Фото: Б. Грданоски

По спроведена истражна постапка, скопското Основно јавно обвинителство поднело обвинителен акт против три лица кои како соизвршители на почетокот на март украле кабли од кругот на фабриката „Железара“ во Скопје.

Како што информираат од Обвинителството, трите лица се товарат за кривичното дело тешка кражба, според член 236 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Кражбата, според деталите од случајот, се случила во првите денови од март, кога сега обвинетите од кругот на „Железара“ украле различни видиви кабли, сопственост на фирма од Кавадарци, а чиј вкупна вредност се проценува на 196 500 денари или околу 3 200 евра.

Дополнително, при кражбата тие оштетиле и кабел кој бил дел од јавна електрична инсталација, вреден 800 000 денари, односно околу 13 000 евра.

Според Обвинителството, тие биле откриени и лишени од слобода кога ги натовариле каблите во автомобил и се обиделе да ги изнесат од кругот на фабриката.

Со обвинението, надлежниот јавен обвинител до Судот доставил и предлог за продолжување на мерката притвор што претходно му била определена на еден од обвинетите, додека за останатите двајца на сила се мерки за претпазливост.

Инаку, ова не е прво обвинение на Основното јавно обвинителство Скопје за кражба на кабли од кругот на фабриката „Железара“.

На 1 ноември лани, три лица беа обвинети за кражба на повеќе километри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) и „Макстил“ од кругот на фабриката, во вкупна вредност од 440 000 евра. Делото, тие го сториле на 6 мај 2025 година, кога биле затекнати и приведени додека се обидувале да го напуштат местото.

Во врска со овој случај истрагата беше проширена и со еден полициски службеник, кој според Обвинителството, бил соучесник во кражбата.