„Подѕирнати животи“ од Огнена Никуљски – добитник на наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2026
Ракописот со наслов „Подѕирнати животи“ од Огнена Никуљски е добитник на книжевната награда „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2026 година. Во најтесниот избор беа разгледани и романите: „Некој одовде“ од Симеон Јанков и „Драг мој Т.“ од Драгана Лукан Николоски.
На осмиот конкурс за наградата „Пегаз“, што ја доделува издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, пристигнаа 50 ракописи. За победникот одлучуваше тричлено стручно жири во состав: проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова (универзитетска професорка), Блаже Миневски (писател) и Бисера Бендевска (уредничка, претставничка на издавачката куќа „Арс Ламина“).
Во своето образложение, Комисијата констатира дека на годинашниот конкурс главно доминираа ракописи со реалистично писмо, а тематски преовладуваше семејна или лична драма. Во понудата, исто така, беа детектирани и романи од жанрот историска фикција, но и неколку ракописи чиишто фабули ги одразуваат современите трендовски жанрови: трилер, мистерија и научна фантастика. Жирито посебно го прокоментира впечатливото присуство на локално ситуирани приказни, од совремието и од минатото, кои третираат трауматични настани, замрсени партнерски односи, ментално здравје, со гласни внатрешни монолози и преиспитувања.
Според жирито, романот „Подѕирнати животи“ отскокна од другите конкурентски ракописи и затоа членовите одлучија наградата „Пегаз“ за 2026 година да му припадне нему, а својата одлука ја поткрепија со следното образложение:
„Подѕирнати животи“ од Огнена Никуљски е роман за стареењето (за староста) и за осаменоста, но и за пишувањето како терапевтски чин. Формално, „Подѕирнати животи“ е текстуален хибрид, при што во главната наративна линија е интерполиран дневнички запис, прошаран со интимистички лирски додатоци. Исповедниот тон којшто доминира во записот создава силен впечаток, бидејќи се состои од куси, лапидарни реченици, кои го привлекуваат вниманието на читателот и ја одржуваат првичната недоумица за природата на раскажувањето.
„Подѕирнати животи“ отвора тема што не е толку експлоатирана во современата македонска книжевност (аспектот на стареењето, проследен со телесно и со духовно страдање, кој се слева со интимниот, исповеден тон на ликот што раскажува), а начинот на којшто авторката го прави тоа, создавајќи постмодернистички роман, прифатлив за времето и за читателите денес, беше пресуден за одлуката на жири-комисијата да го прогласи за победник на конкурсот за наградата „Пегаз“.
Огнена Никуљски е родена во Скопје, во 1951 година. Таа е професор по шпански јазик и литература во пензија, книжевен преведувач, прозаист, вљубеник во мајчиниот, македонски јазик. Студирала и докторирала на полето на шпанскиот јазик и литературата во Перу. Многу години, речиси цел работен век, ги подучувала студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Авторка е на романот „И ѕирка и проѕирка“ („Антолог“, 2024), кој влезе во најтесниот избор за наградата Роман на годината во 2024 година, на Фондацијата „Славко Јаневски“ и на збирката раскази „Да ви кажам право“ („Или-Или“, 2026). Речиси половина век се занимава со книжевен превод и тоа главно од шпански на македонски јазик. Има објавувано и научни прилози за шпанската и за хиспаноамериканската книжевност во македонската периодика.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска-Атанасова (2023), „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025).
Годинашното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура и туризам, во рамките на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во областа на културата. Наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на наградениот роман во посебна едиција. Наградата ќе биде врачена на посебна свеченост.
Од денеска (2 септември) до 1 јуни 2027 година, ќе биде отворен деветтиот конкурс за наградата „Пегаз“ за 2027 година.