Податоците за растот на градежништвото се фантастични, вели Николоски


Податоците за раст на градежништвото од 14,6 проценти во последниот квартал лани се многу охрабрувачки, даваат силен сигнал за стопанството, сигурност, но и поттик за идни инвестиции, што ќе придонесе за уште поголем раст на БДП во идниот период, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел дискусијата „Раст на економијата – економска сигурност на граѓаните“, што се одржува денеска во Владата.

Според него, податоците за растот на градежништвото од 21 процент во третиот квартал и од 14,6 проценти во четвртиот квартал лани се фантастични бројки како резултат на, како што рече, тоа што приватниот сектор се охрабри да инвестира заради поволните каматни стапки преку кредитните линии од Унгарија, вложувањата во општините кои претежно со дотации од Владата почнаа многу инфраструктурни проекти, како и големите инфраструктурни проекти на државата.

Се работи, посочи вицепремиерот, на неколку инфраструктурни проекти како изградбата на автопатот Кичево – Охрид, проект што беше заборавен и не постоеше пред изборот на оваа Влада, во тек на 2024 година се правеа подготовки и сега ставени се во функција 34 километри од изградени 37, а останува да се изградат уште 20. Исто така и на делниците Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола, кои, потенцираше, ги почна оваа оваа влада, иако договорот беше потпишан во 2023 година но воопшто не беше почната експропријација. Се градат интензивно и пробиени се над 50 проценти од трасите. На тоа се надоврзуават и инвестиците во железницата од кои веќе се гради првата фаза од Градски воз кој се очекува да биде завршен до јуни годинава, наведе Николоски.

Ги посочи и заедничките проекти со МЗШВ, како што е вештачко езеро кај Гевгелија, и браната Отиња во Штип каде има одличен прогрес.

– Сите овие проекти заедно со приватните и инвестициите од општините придонесуваат да имаме вакви сериозни двоцфрени бројки во градежништвото и очекувам да продолжат и во текот на годинава. Особено охрабрува што напредуваат домашните компании и сфатија дека треба да го фатат чекорот во однос на овие инвестиции, рече Николоски.