Почнуваат 58. Струшки вечери на поезијата


Со традиционалната и препознатлива програма, но и со нови содржини вечер на платото пред Центарот за култура во Струга, почнува 58. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Половина час подоцна на истото место ќе почне поетското читање „Поетски меридијани“.

Фестивалот ќе трае до 26 август и во него ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, програмата има 52 настани, а покрај Струга како град-домаќин, каде ќе се одржат најголем дел од настаните, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и Скопје.

Фестивалските настани почнуваат изутринава во 10 часот со садење дрво во Паркот на поезијата во Струга и поетско читање во чест на добитникот на „Златен венец“ на Струшките вечери на позијата за 2019 година, славната романска поетеса Ана Бландијана.

Една од новините во фестивалската содржина, која се смета дека ќе стане значителен белег на светски познатиот фестивал, е „Поетската порака“. Автор на годинашната „Поетска порака“, која ќе биде прочитана на церемонијата на  отворањето на фестивалот е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод 85-годишниот јубилеј во рамките на програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет.

Фестивалот на учесниците и публиката ќе им понуди уште неколку новитети. Освен на македонски и англиски јазик, главните читања на фестивалот ќе бидат и на албански и француски јазик. Најголемиот дел од настаните ќе бидат пренесувани во живо на официјалниот YouТube.

За гала отворањето и за затворањето на фестивалот ќе биде обезбеден превоз од Скопје преку два правци: Скопје-Кичево-Струга и Скопје-Велес-Битола-Струга, а по завршувањето на настанот, ќе има враќање истата вечер.

Како новитет, „Струшки вечери на поезијата“ годинава преку повикот за волонтери, отвори можност за млади луѓе, вљубеници во пишаниот збор, да се ангажираат во логистичкиот дел на фестивалот и да добијат можност да се запознаат и да се дружат со врвни поетски имиња.

Програмата утре ќе продолжи во 10 часот во хотелот „Дрим“ со Портрет на Зоран Анчевски, добитникот на наградата „Браќа Миладиновци” за 2018 година.

 

Која е Ана Бландијана, лауреат на „Златен венец“ за 2019 ?

 

Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландиана, доаѓа од богатата, високореспектирана книжевност и динамична литературна сцена, каква што е романската, а која до сега ги изнедрила светски афирмираните авторски имиња, како што се Емил Сиоран, Ежен Јонеско, Никита Станеску (кој, своевремено, и самиот бил лауреат на Струшките вечери на поезијата), Михаил Еминеску и многу други врвни авторски имиња. Ана Бландијана (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60-тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

„Јас бев забранета, уште пред да станам поет“, потресно сведочи Ана откривајќи дека, за време на тоталитарниот режим на Чаушеску, била принудена (секојпат кога ќе излезела од домот) да ги крие своите ракописи и насекаде да ги носи со себе (понекогаш, оставајќи ги во домовите на своите доверливи пријатели) – поради оправдан страв, тие да не ѝ бидат запленети или уништени (како делата на многу писатели други претходно).

Можеби, токму заради тоа е толку силен, речовит, но и неодолив одекот на забрануваните книги, дела, вистини, но и на премолчуваните убавини и дострели – кои тлееле и се усвитувале, долго време, пред тие да го дочекаат заслужениот триумф или покајанието на денот!

Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губењето и отсуството на слобода во современо-историската бездна, среде која е стаписано човештвото…

Нејзиното писмо ги спојува личностите и интимни предизвици со метафизичките и мисловни поенти, тоа е воопшто лирика на симултани созвучја меѓу Ерос и Танатос и нивната нераскинлива прегратка, но, исто така и созвучја меѓу телесното и духовното, сетилно-чувственото и мисловното, непосредувано детското и длабоко мудроносното.

Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа – творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето…

Лириката на Бландијана е лирика со медитативна, на пати исповедна интонација, обележана од постојаниот егзистенцијален немир и длабоката запрашаност над темелните дилеми на човековата судбина, проникната од искуството (и предизвикот) на другоста/инаквоста, прашањата за моралната одговорност и незаобиколноста на моралниот став, креативната сила на љубовта како базична светотворна и книжевна енергија, драматичните, а премолчани загатки и искушенија на творечкиот чин.

На крајот, не треба да заборавиме на тоа, дека литературата на Ана Бландијана беше своевремено препознаена и вреднувана од страна на нашиот фестивал Струшки вечери на поезијата – за што сведочи објавувањето избор од нејзината поезија „Архангел во саѓи“, во рамки на едицијата „Плејади“, точно пред 15 години, во 2004 година – со препев (и извонреден поговор) од нашата, меѓународно реномирана авторка, Лидија Димковска, ќе напише во својата беседа д-р Елизабета Шелева, претседателка на Управниот одбор на СВП.