Почнати се подготовките на ребалансот, од вчера пуштени барањата до институциите за податоци за капиталните инвестиции


Фото: Б. Грданоски

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска информира дека почнале подготовките на ребалансот на Буџетот, како и дека од вчера се пуштени барањата до институциите за доставување податоци за капиталните инвестиции.

Како што истакна Димитриеска Кочоска, одговорајќи на новинарски прашања, проектниот менаџмент на институциите останува зашто тие се реализатори на капиталните инвестиции.

Според министерката, до крајот на јуни треба се да биде подготвено и испратено до Собранието.

-Почнавме со подготовки на ребалансот, побаравме од секоја инстутицја да достави прецизни податоци за капиталните инвестиции – до каде имаат склучено договори, ако немаат кога планираат да ги склучат, во каква фаза им се проектите,…  Тоа треба да го видиме, тие проекти па потоа ќе одлучиме дали ќе ги скратиме сега па ќе ги ставиме следната година или ќе бидат подготвени за тендерирање. Пред неколку месеци помина Уредбата според која веќе не може секој да одлучува за инвестиции без да го помине кругот – Министерство за финансии, Влада со исполнети услови за инвестиции, нагласи Димитриеска Кочоска, по средбата со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

Во однос на проектниот менаџмент, таа уште еднаш кажа дека надлежните институции ги реализираат договорите, а не министерот за финанси.

-Многу често се поставува прашањето до министерот за финанси, но тој не е тој што ги реализира договорите, ги реализираат надлежните институции и се зависи од нивниот проектен менаџмент, на кое ниво е, потенцира Димитриеска Кочоска.