Почнаа редици на бензинските пумпи: Од утре еден резервоар со дизел ќе чини 725 денари поскапо (видео)

Зголемувањето на цената на дизелот е многу голема, дури 20 отсто. Со новите цени се топи разликата во однос на нашите соседи


 

Од полноќ, оние што ќе одат на бензинските пумпи во земјава да наточат гориво за своите автомобили, ќе треба да го „одврзат ќесето“ и да платат значително повеќе, доколку резервоарите им се на црвено. Тоа доаѓа откако Регулаторната комисија за енергетика драматично ги зголеми цените на горивата, особено на дизелот.

Така, под претпоставка дека капацитетот на просечен резервоар (во зависност од типот на возилото) е од 40 до 60 и повеќе литри, тогаш за 50 литри Еуродизел од вечерва на полноќ ќе треба да се издвојат 4.275 денари. Или, за 725 денари повеќе, доколку истиот резервоар се наполни денес пред да стапат на сила новите цени што ги објави Регулаторната комисија за енергетика.

За автомобилите со бензински мотори, односно што трошат Еуросупер 98, полн резервоар со новите цени ќе чини 4.075 денари или за 250 денари повеќе.

По објавата на новите цени веднаш се формираа редици пред бензинските пумпи.

Што значат новите цени на горивата на месечно ниво?

Под претпоставка дека месечно со автомобил се поминуваат 1.000 километри, или триесетина километри дневно и ако просечната потрошувачка на автомобилот во градски услови е осум литри (просечната потрошувачка на гориво во градски услови најчесто се движи меѓу 7 и 10 литри на 100 километри за просечен патнички автомобил, но може значително да варира) тогаш вкупната потрошувачка за еден месец би била 80 литри, што значи дека месечниот трошок за оние кои се вклопуваат во овој пример би изнесувал 6.840 денари (за дизел) или 1.160 денари повеќе отколку до сега, односно 6.520 денари (или 400 денари повеќе) за бензинците со Еуросупер 98.

Инаку, како што денес соопшти РКЕ, дизел горивото од ноќеска на полноќ поскапува за 14,5 денари (што е дури за 20 отсто повеќе), а цената на бензините се зголемува за пет денари за литар. Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 79,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 81,5, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 85,5 денари за литар. Цената на Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) се зголемува за 12,5 денари за литар и ќе изнесува 82,5 денари. Малопродажната цена, пак, на Мазутот М-1 НС се зголемува за 7,044 денари за килограм и ќе биде 42,586 денари

Резервоар на возилата од типот на „Ситроен Ц3“ (вклучувајќи „пикасо“) обично има капацитет од околу 45-50 литри, додека поголемите возила, на пример „Фолксваген пасат“ е 70 литри, за „голф“ е 55-60 литри и тн.

Со ова зголемување на цените на дериватите кај нас, се стопи разликата меѓу малопродажните цени во нашата земја со земјите од регионот, со која викендов се пофали премиерот Христијан Мицкоски.

Многумина оваа изјава ја оценија како несоодветна, бидејќи поевтините горива на еден пазар не значат и благосостојба. Уште повеќе, големите разлики во цени меѓу соседните држави само може да поттикнат доаѓање на возила од соседството да точат гориво тука, односно Македонија да плаќа скапи деривати и да троши девизи кои ги нема, а да ги продава релативно евтино, што е одличен поттикнувач за шверц и други нелегални активности.

Инаку, според Хрватскиот автоклуб, ХАК, денешните цени на дериватите во Европа се следни: