Почна судењето за убиството во кафеана во центарот на Штип


Под строги полициски мерки за обезбедување и во големо присуство на јавноста и семејствата пристигнати од Турција, во Штип започна судењето за пет турски државјани обвинети за убиството на Енес Оздемир, кое се случи во мај годинава. 

Судењето не се одржа во Основниот суд, туку во големата сала на Апелациониот суд поради големиот интерес и од безбедносни причини.

Штипското обвинителство поднесе обвинителен акт на 4 октомври во кое еден 21-годишник е обвинет како извршител на убиството и за недозволено поседување оружје, тројца други за помагање при извршување на делото, а една обвинета за помош по стореното кривично дело.

Според обвинението, жртвата била убиена со пиштол со избришан сериски број во една кафеана во центарот на Штип. Тројцата помагачи се сомничат дека обезбедиле превоз, засолниште и оружје.

Одбраната денес побара промена на кривичното дело за главниот обвинет, презентирајќи нови докази, и побара делото да се преквалификува во „убиство од небрежност“.